Библиотека

Христо Андонов Полјански – Крушевската република

Најдобра организација за успешно изведување на востанието била спроведена во крушевскиот реон. По Смилевскиот конгрес крушевските револуционери најактивно се подготвувале за востание. Особено големо внимание му било обрнато на военото подготвување на револуционерите и на нивното вооружување. Бил приготвен план за заземање на Крушево. Заради поефикасно дејствување сета вооружена сила во реонот била разделена на осум револуционерни одреди под раководство на испитани војводи. Секој одред добил точно определ пунк во градот, каде што во определениот момент, според оперативно-стратегиски план, требало да се изврши планираната операција за заземање на градот. Два дена пред започнување на востанието војводата Никола Карев, како началник на Горското началство, слегол во Крушевската рамнина и извршил распределба на револуционерните сили од полските села. По ова во Биринската Корија се собрале сите војводи со своите чети. Тука за последен пат биле издадени упаства за нападот врз градот. Овдека Штабот на крушевските востаници, со специјален проглас, го објавил почетокот на востанието. Во прогласот се повикувало сето население да се дигне на востание за извојување на слободата. Прогласот завршува со извикот: „Да живее Македонија!“

Според предвидениот план, акциите за заземањето на Крушево започнале на 2 август ноќта. Отпрвин определените луѓе со секири ги пресекле телефонските столбови надвор од градот. По ова започнало изведувањето на тактичниот план за заземање на градот. Нападот се изведувал на важните клучни точки, и тоа на: касарната, поштата, општината и на други установи и позициски објекти. Со умешно содејство крушевските востаници ги принудиле турските војници на панично бегство. Во нападот различно се одразувал отпорот на турските сили. Особено тешки биле судирањата при нападот на касарната, во која имало 60 војници. Нападот на овој мошне важен објект го извел одредот на војводата Алабакот, опсадувајќи го објектот. Борбата траела скоро целиот ден и зградата на крајот била запалена.

На 3 август Турците се обидувале неколку пати да нападнат, но биле одбиени. Истиот ден градот бил наполно ослободен со што победата на крушевските револуционери била обезбедена. Со овој голем чин на македонската револуција дошле до израз вековните желби на македонскиот народ да се здобие со слобода. Во ова македонско катче таа била остварена. Со тоа Илинденската револуција бележела врвна победа, дошле до израз стремежите за слобода и самостоен живот.

Првата задача на револуционерната власт се состоела во избирање на револуционерни органи. Штабот на востаниците ја претставувал воената власт во градот. За избор на други органи на Револуцијата било свикано собрание на истакнати граѓани, претставници на сите народности во градот. Овој највисок орган, составен од 60 души, го сочинувал Советот на Републиката. Најголемата улога во прогласувањето на Републиката одиграл идеологот и организатор, социјалистот  Никола Карев (1877-1905). Со таа негова дејност и со учеството на револуционерната власт и на други социјалисти, како и на други револуционери, Крушевската Република била поставена на „длабоко демократски и републикански принципи“. Со тоа таа „се покажа како држава со многу социјалистички примеси“.

Секој член на владата вршел определена функција. Како помошни тела на владата биле формирани комисии, и тоа за снабдување и исхрана, за одржување на внатрешниот ред и поредок, за облека, за здравство и финансии. Судските функции ги вршел специјално за таа цел избран воен суд. Покрај Советот, како орган на демократско-револуционерната и републиканска власт, била избрана и привремена влада, составена од 6 члена. На чело на владата, како нејзин претседател стоел Вангел Дину, кој бил одговорен за судството; потоа Ѓорѓи Чаче, одговорен за реквизицијата; Теохар Нешков, одговорен за финансиите; Христо П. Ќурчиев, одговорен за внатрешните работи; Димитар Секулов, одговорен за прехраната; Никола Баљу, одговорен за санитетот. Револуционерната власт во Крушево издала низа акти. Била извршена експроријација на некои установи потребни за одбраната на градот, потоа, попишувањето на стоката, распишување на востанички данок и друго. Специјално внимание му било обрнато на вооружувањето како на востаниците, така и на способното население. Биле отворени леарници и специјални работилници за поправка на оружје и изработка на муниција. Биле изработени и неколку црешови топчиња. Поштенската служба работела добро и таа главно се извршувала од градските и селските курири. Голема грижа се водела околу утврдувањето на градот. Утврдувањата биле добро изградени и лоцирани според воено-стратегиските принципи. Таквото утврдување на градот им оставило впечаток на странците што го посетиле Крушево по востанието. Германскиот генералштаб поручник Гебен изјавил дека начинот на ископите и презенањето на градот укажувале дека водачите на востанието биле воено подготвени.

Револуционерната власт на Крушево направила обид да ги привлече или барем да ги неутрализира муслиманските маси од околните села. Како најсериозен акт на тој обид бил упатениот повик до муслиманското население во Крушевската околија, кој всушност претставува манифест на востаниците, наречен „Крушевски манифест“. Овој Манифест претставува декларација на целите и задачите на крушевските револуционери, за нивните демократски стремежи кон братска слога и единство меѓу народите. Манифестот е пишуван на народен македонски јазик. Во него е поетично искажано одушевувањето од постигнатата слобода, револуционерното верују на крушевските револуционери.

Во Манифестот се прокламирани високите начела на Македонската револуција. Принципите на организацијата за доследна револуционерна борба на сите потиснати маси против отоманската тиранија како владеачки систем нашле овдека најсуштествена примена и дури уште понагласено се потенцирани длабоко демократските  и социјалистички принципи на братството меѓу народите. Во Манифестот видно место зазема апелот до муслиманите изразен со зборовите: „Елате, браќа муслимани, да тргнеме против вашите и наши душмани. Елате под бајракот на автономна Македонија. Македонија е заедничка наша мајка и ве вика на помош! Елати да ги скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме од маките и страдањата! Елате при нас браќа, да си слееме душите и срцата и да се спасиме, та и нашата челад да живее мирно и спокојно, да си работат и да си напредуваат!“ И на крајот се нагласува: „Ние сами ќе се бориме и за вас и за нас, ако е потребно до еден ќе умреме под бајракот за нашата и вашата слобода и за нашето и вашето право! “

Манифестот на најдлабок демократски и револуционерен начин ги прокламирал принципите на Илинденската револуција. Во прокламирањето на тие цели и задачи се забележува силното влијание на социјалистите, особено на Никола Карев. Манифестот предизвикал силен впечаток не само кај македонскиот народ, туку и сред муслиманското население, за што сведочат писмата од село Алданци и кметот Синан и од избеганиот Али, началник на турскиот гарнизон во Крушево, кој со симпатии погледувал на борбите на македонскиот народ од овој крај.

Манифестот и другите решенија, иако се однесуваат само на Крушево, ги потврдиле врвните цели на Илинденската револуција, која во случајов ги прокламирала своите доследни демократски и револуционерни начела. Со тоа добил најзиразит вид државотворниот стремеж на македонскиот народ, кој се изразил толку очевидно во сите револуционерни потфати и остварувања на Крушевската република.

Извор: Одбрани дела; Христо Андонов Полјански; Мисла, Скопје 1980.


Во оваа едиција ќе бидат (пре)објавувани текстови кои во текот на историјата доследно ги опишувале, објаснувале, толкувале и, со еден збор, ги разбирале политичките, економските и социјалните состојби во кои се наоѓал народот кој ја населувал територијата на Македонија во XIX, XX и XXI век. При изборот на текстовите, ќе влијаат неколку критериуми, меѓу кои: прецизноста на анализите кои ги содржат, јасноста и разделноста на аргументацијата, вредностите кои ги застапуваат, при што ќе се претпочитаат оние текстови кои застапуваат вредности кои ги интегрираат сите народности на територијата на Македонија, а важен критериум ќе текстовите ќе бидат дополнително приоретизирани според влијанието што го извршиле на политичката стварност низ годините во Македонија. Сумирано, задачата што оваа едиција си ја предназначува е потретирање на севкупната политичка стварност во Македонија сè со цел современата теоретска мисла, која се обидува да ги опфати современите околности во кои се наоѓа Македонија, да може полесно да ги препознае контурите на македонската политика, како и соодветно да го води својот развој во дослух со нив.

Се надеваме дека овие текстови ќе послужат, пред сè, како провокација за размислување, а потоа и како правец во кој може да се движи критичката политичка мисла, но и како лакмусова хартија со која би се оценувала политичката зрелост на народот кој живее во Македонија.