Библиотека

Сведоштва од Струшко за престојот на познатиот комунист Синан Хасани

Втората светска војна ќе остави неизлечиви лузни врз драслајчани. Дрaслајца ќе даде многу невини жртви. Западниот дел на Македонија во 1941 година ќе биде окупиран од италијанската војска, а со неа ќе дојдат и Албанци кои ќе бидат поставувани за раководители на власта. За претседатели на Драслјачката општина се менуваа и неколкумина Албанци. Некои од нив ќе бидат уфрлени комунисти, други претставници на интересите на албанската власт. Прв претседател на општината бил Гако (Ѓорѓи), убеден комунист, кого селаните го паметат по многу добри нешта. Негов зет работел во Префектурата во Струга и кога некој драслајчанец ќе се најдел во неволја тој секогаш интервенирал да му помогне.

Еднаш во Струга биле затворени Ванѓел Спасески и Душан Трајкоски, а Ѓако веднаш заминал кај неговиот зет, па така тие по два дена биле ослободени. Меѓутоа, неговиот наследник, Федат бег селаните го паметат само по зло. Тој ќе прави се само за да им напакости на луѓето.

Федат бег по лошо го памети и Милан Цветаноски. Во времето на албанското, заедно со брат му Крсте соѕидале авлија околу дворот на новата куќа. Некој од селските шпиони му кажал на Фeдат бег, а тој дошoл на самото место и од Милана побарал да му даде пари. Немал што друго да прави освен да се согласи да му ја даде бараната сума, но немал од каде да му плати. Го замолил да причека до првата сабота, кога бил пазарен ден, за да го продаде единственото теле што го имале дома. Арно ама таа сабота ниту еден пазарџија не се заинтересирал за неговото теле, па така Милан се вратил дома без пари. Истиот ден Федат бег го пратил курирот со наредба парите да му бидат донесени на маса, и откако дознал дека од тоа нема ништо отишол кај Цветановци со пиштолот на појас и го натепал Милана. За среќа, од некаде се појавил Петре Чурукоски и некако успеал да го спаси од најлошото. Плашејќи се од одмазда, Милан истиот ден пребегал во Волино кај неговиот баџанак, каде останал се до наредната сабота, кога го продал телето и парите му ги дал на Федат бег.

Душан Трајкоски бил еден од организаторите на отпорот во Драслајца против италјанската и албанската власт.
Снимен со неговата сопруга во годините после војната.

За време на окупацијата италијанските војници на неколку наврати организирале рации низ селото за одземање на оружјето, а притоа со нив како преведувач користеле еден драслајчанец кој додека бил на печалба во Франција научил по малку да зборува француски јазик. Методија Чурукувски во белешките за своето семејство раскажува како на неговиот татко му било одземено чифтето.

„Татко ми беше голем ловџија. Имаше чифте, калибар дванаесетка, куќата беше преполна со месо од дивина, а и риби со сачма фаќаше. Во окупацијата пушката му ја зедоа Италјанците. Го предаде еден шпион кој со нив го собираше оружјето останато од бившата југословенска војска, им кажа дека има чифте. Му го зедоа чифтето со коланот полн со месингени фишеци. Преболе за чифтето”, пишува Методија.

Италјанските карабинери дошле и кај Насто Лајкоски за да му го земат чифтето. Бил слеп и кога слушнал за тоа, иако бил стар, изнемоштен и лежел в постела, им се обратил со зборовите: ‘’Да можев и да гледав, овде сите ќе ве скинев со него’’.


  За илегалниот престој на Синан Хасани

За време на Втората светска војна во Драслајца излегално работел и еден од најпознатите косовски комунисти и политичари, Синан Хасани, кој една година пред распадот на Југославија беше претседател на нејзиното колективно Претседателство, кое беше формирано по смртта на Јосип Броз Тито.

Синан Хасани во Драслајца дошол во 1943 година и се вработил како секретар во општината, во времето кога претседател бил Федат Бег. Бил испратен со специјална задача од Комунистичката партија. Живеел во куличето, малата куќичка на Чурковци каде што денес се наоѓа казанот за печење ракија. Според Јонче Чуркоски, за неговата илегална задача во Драслајца никој ништо не знаел, сите сметале дека тој е еден од многуте извршители на тогашната албанска власт. Душан Трајкоски пак го тврди спротивното дека, истиот ден кога дошол во селото, бил кај него и му кажал со каква цел е дојден.

Јонче Чуркоски со бел џандран и капа и Синан Хасани, снимани во 1943 година пред зградата на општината

Јонче, кој подолго време се дружел со Хасани, раскажува дека еден му се доверил за неговата илегална дејност.

„Се уште не бев женет. Синан имаше каде да спие, но дојде кај нас и ние го сместивме во куличето. Спиевме заедно. Откако виде кој сум и што мислам за партизаните и за комунистите, една вечер додека лежевме ми се довери дека од комунистите е испратен да работи илегално на овој терен’’– раскажува  Јонче и додава дека тој често навраќал и во Ливада и во некои други села за да ги организира младите таму да влезат во партијата и да одат партизани.

Меѓутоа албанските власти се посомневале во него, а Синан Хасани дознавајки по своите канали за тоа, еден ден испратил покани до сите селани од околните села од Драслајца, Мислешево, Ложани, Мороишта, Биџево и другите села кои припаѓале на Драслајчката општина за да дојдат да си го платат данокот. за да дојдат и да си го платат данокот. Така пред општината неколку дена се собирал многу народ. Некои имале пари да платат порез, други немале, а Синан на сите им напишал дека платиле и дека повеќе немаат никакви обврски кон тогашната држава. Откако ја завршил таа работа една вечер ги зел парите, машината за пишување и најважните документи и заминал во партизани.

„Кога дознаа дека Синан Хасани побегнал во партизани веднаш ме уапсија. Претседателот на општина и полицаецот Амит од Ливада ме внесоа во една канцеларија и почнаа да ме распрашуваат за тоа каде е Синан. Им реков дека ништо не знам и дека тој, иако живееше кај нас, дека ништо не ми кажуваше. По испрашувањето, ноќта ме затворија во една просторија, а наредниот ден Федат бег пак почна да ме испрашува и да ми се заканува: „Ти си комуниста, ќе те терам во Албанија”. Едно време му рече на писарот да ја земе машината за да направи записник од моето сослушување, но по неколку минути се врати и му соопшти дека ја нема и дека Синан најверојатно ја украл.

Додека траеше сета таа забуна, во просторијата влезе еден Албанец и на Федат бег му даде некакво писмо. Откако го отвори и го прочита веднаш пребледе. Тогаш ми се обрати мене со зборовите: „Јоване, оди сега дома, јади леб, па утре заедно ќе одиме во Струга кај префектот за да го разјасниме случајов. Ме пушти и никогаш повеќе очи не ми виде.Побегнав, општината се затвори, се ликвидира. Подоцна разбрав што било причината зошто Федат бег така да пребледе и ме пушти. Писмото било напишано од Синан Хасани, а во него стоело: „Федат веднаш да го пуштиш Јован или ќе те искорнам од Драслајца со сета фамилија”, раскажува Јонче.

Зградата во која за време кралска Југославија и италијанската окупација била сместена општината, а денес е месната канцеларија.

Есента за време на Богомислиот поход, Синан повторно дошол кај Чурковци. Не го ставиле да спие во куличето, туку во куќата, бидејќи од нејзиниот заден дел полесно можел да избега, ако евентуално албанската власт дозна дека тука се крие. Вечерта кога седнале да вечераат, Синан му се обратил на неговиот домаќин Петре со зборовите : ‘’Чичко Петре, коку синови имаш’’? –„Четворица’’, му одговорил Петре. –„Е, да знаеш, од денеска имаш пет. Петтиот сум јас’’. Од тој ден Петре Синана Хасани го сметал за свој петти син.

Јонче раскажува дека деновите кога германската војска од Грција се повлекувале преку Ќафасан, во нивниот двор со мотор влегол еден Германец. А кога го видел тоа Синан го извадил револверот и нанишанил за да стрела. Одвај го спречиле да не пука. Се завршило без никакви проблеми. Германскиот војник го потпрел моторот на ѕидот, запалил цигара, повторно се качил на него и си заминал без да прозборе ниту збор. „По повеќемесечно криење дома, Синан побара да го префрлиме на територијата каде што беа Бугарите. Го убедувавме дека тоа не е добро, бидејќи добро не знаеше македонски и лесно можеа да го откријат. Затоа решивме да бега преку Албанија. Организиравме и го качивме на камион и преку Албанија замина на косовска територија.” – додава Јонче.

Синан Хасани никогаш не ги прекинал контактите со семејството Чурковци, дури и во годините кога станал познат политичар. Еднаш кога во Белград го посетил својот син Славчо, Јонче решил да се види со Хасани кога тој бил претседател на Претседателството на тогашна Југославија. Се пријавил на портирницата и откако Синан дознал кој го бара, лично се симнал долу да го пречека. Се прегрнале братски и веднаш го однел на ручек. Тој ден првиот човек на СФРЈ, наместо на државничка работа, го посветил на својот брат од Драслајца, со кого го врзувале тешките години од војната.


Продолжува