Започна второто издание на Деновите на поезијата
Од 19 до 21 мај, фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол повторно ја отвораат својата поетска сцена за љубителите на убавиот збор.
Во фокус на свеченото отворање се браќата Миладиновци, Григор Прличев, Славко Јаневски, Лилјана Чаловска, Гого Ивановски, Абдулазис Ислами, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Игор Исаковски и Георги Сталев, но и македонскиот јазик и македонската азбука.
По успехот на првата едиција на Деновите на поезијата, во март 2024 година, кои беа иницирани по повод 80 години од првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија, Песни од Ацо Шопов (1944) и Светскиот ден на поезијата (21 март), организаторите и оваа година ќе им дадат збор на сите генерации македонски поети, од основоположниците, преку современите афирмирани поети, па сè до оние кои допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија.
На 20 и 21 мај, на Поетската сцена во Скопје Сити Мол ќе слушнеме поезија од македонски автори, но и нивни препеви на грчки јазик, како и препеви на грчки поети на македонски; ќе разговараме за развојот на македонската азбука и предизвиците што таа ги покренува во добата на современите технологии и ќе се запрашаме како се одвива меѓугенерацискиот диалог во кругот на македонските поети.
Претпладнето на 20 мај ќе им биде посветено на најмладите, со настап на ученици од ОУ „Владо Тасевски“ под наслов „Од А до Ш“, буква по буква до песна“. Во соработка со издавачката куќа „Чудна шума“ ќе биде отворена и изложбата „Бушава азбука“ со репродукции на цртежите на Душан Петричиќ во истоимената книга од Горан Стефановски. „Убавата приказна на нашата азбука“ на децата ќе им ја раскаже Весна Мојсова-Чепишевска.
„Во дослух со Шопов“ е насловот на средбата со претставници на Македонскиот ПЕН центар и добитници на наградата „Ацо Шопов“, која попладнето, на 20 мај, ќе ја води Владимир Мартиновси, а во која ќе учествуваат Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски и Ивица Џепаровски.
Веднаш по нив, разговорот помеѓу Сотирис Минас и Иван Антоновски ќе им биде посветен на македонско-грчките поетски координати.
21 мај ќе биде исто така во знакот на младите, со настапот „Ut musica poesis“ на ученици од гимназијата „Никола Карев“, од Скопје, по кој ќе разговараме со типографот Ласко Џуровски за македонската азбука, од аспект на новите технологии.
Преку ликовите на Санде Стојчевски и Павлина Атанасова, две поетски генерации ќе се сретнат во „Диптих“ кој ќе го води Јулијана Величковска, пред да ги претстави учесниците од „Скопје СИ ТИ, настан наменет за поддршка на најмладите поети, во организација на „ПНВ публикации“ и „Култура бета“, со кој ќе се затворат овогодишните Денови на поезијата.
Во текот на првата едиција на Деновите на поезијата, во март 2024 година, публиката испиша речиси стотина песни на „Ѕидот на поезијата“. Тој ѝ останува и овојпат на располагање. Но оваа година Скопје Сити Мол оди уште похрабро во пресрет на публиката, и ја кани да чита стихови на неговата „Отворена поетска сцена: Сите сме поети!“, за што предвидува награди во „Поетското тркало на среќата“.
Меѓу новитетите што се внесени во оваа едиција на Деновите на поезијата спаѓаат и активностите посветени на најмладата публика. Покрај настаните во изведба на ученици од основното и средното образование и изложбата „Бушава азбука“ која им е специјално наменета, издавачката куќа „Чудна шума“ ќе организира ликовни работилници на истата тема на која ќе учествуваат ученици од основното училиште „Петар Поп Арсов“.
За оваа втора едиција на Деновите на поезијата, кон фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол се приклучија голем број партнери од наставно-научниот сектор, како Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за литература, Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност, при УКИМ, гимназијата Никола Карев и основните училишта „Владо Тасевски“ и „Петар Поп Арсов“ од Карпош – Скопје; од културниот сектор, како Македонскиот ПЕН Центар, Сојузот на друштвата за македонски јазик и литература и „Култура Бета“, од издавачкиот сектор, како „ПНВ Публикации“, „Чудна Шума“ и „Литература.мк“; и приватниот сектор, како киното „Синеплекс“ со Скопје Сити Мол.
„Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“, рече одамна духовниот татко на манифестацијата, Ацо Шопов. Од 19 до 21 мај, во Скопје Сити Мол го споделуваме тој простор меѓу стварноста и фантазијата!