43 години од смртта на Ацо Шопов – Македонската поезија сè уште го носи неговиот глас
По повод 43-годишнината од смртта на Ацо Шопов, великанот на современата македонска поезија, делегација на партијата Левица – Штип денеска положи свежо цвеќе пред неговиот споменик, оддавајќи му почит на еден од најзначајните културни творци во историјата на Македонија.
Во објавата на Левица – Штип се потсетува на животот и делото на Шопов, кој е роден во 1923 година во Штип, каде го завршил и основното образование. Како гимназијалец се приклучил на Комунистичката младина, а во 1942 година и на антифашистичкото движење, станувајќи борец во Третата македонска ударна бригада. Во оваа бригада била и хероината Вера Јоциќ – љубовта на Шопов, на која ѝ ја посветил емотивната песна „Очи“.
По завршувањето на Втората светска војна, Шопов дипломирал филозофија во Скопје и станал еден од највлијателните уредници во тогашната литературна сцена, работeјќи на списанијата „Нов ден“, „Современост“, „Млад борец“ и други.
Неговото творештво и културен ангажман биле признаени и на државно и на меѓународно ниво. Во 1967 година бил избран за член на МАНУ, а подоцна и за дописен член на Српската академија. Бил добитник на наградата АВНОЈ, како и на „Кочо Рацин“, „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“.
Во 1971 година бил именуван за амбасадор на Југославија во Сенегал, каде ја напишал антологиската „Песна на црната жена“, додека во 1975 година бил поставен за претседател на Републичката комисија за културни врски со странство.
Левица – Штип го завршува одбележувањето со цитат од Шопов, како сведоштво за неговата ненадмината поетска длабочина:
„Ако носиш нешто неизречено
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.“