Уште двајца повредени од пожарот во Кочани во тешка здравствена состојба – 45 лица сè уште на лекување во странство
Од трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, уште двајца пациенти кои се лекуваат во странство се во релативно тешка здравствена состојба, соопшти денеска на прес-конференција заменик министерот за здравство, Јовица Андовски.
Во моментов, вкупно 45 повредени лица се на лекување во странски здравствени установи, додека дел од повредените се веќе вратени или се враќаат во земјата за да го продолжат опоравувањето.
Во текот на денешниот ден, еден пациент од Солун треба да пристигне на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, каде во моментот се лекува и една пациентка.
Утре се очекува уште еден повреден пациент од Ниш, кој ќе биде хоспитализиран во болницата Стара градска, каде што веќе се лекуваат двајца повредени.
Дополнително, две лица од повредените се лекуваат и во приватна болница во Скопје, потврдија од Министерството за здравство.
Состојбата со пациентите продолжува внимателно да се следи, додека институциите апелираат за поддршка и трпение од јавноста во справувањето со последиците од оваа трагедија, во која животот го загубија 62 лица, а беа повредени речиси 200.