(Видео)Апасиев: Работно ангажирање или легална експлоатација- Се отвора вратата за модерно ропство
Пратеникот и лидер на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, денеска го изрази своето остро несогласување со Предлог-законот за работно ангажирање на лица, кој беше предложен од пратениците на ДПМНЕ и СДСМ. Според Апасиев, овој закон не само што е правно нецелосен, туку и сериозно ја загрозува заштитата на правата на работниците во Македонија.
„Работното ангажирање“, како што истакна Апасиев, е непостоечка категорија во правото. Наместо да се решат проблемите со сивата економија и да се подобри положбата на работниците, предложениот закон само отвора нови правни и социјални ризици. Според него, овој закон е повратен чекор за трудовото право, кој нуди простор за злоупотреби и манипулации од страна на работодавачите. Тие ќе имаат можност да ги заменат редовните работници со лица ангажирани под оваа нова форма, која е многу поповолна за нив, но ќе значи изгубени работнички права и социјална сигурност за работниците.
„Предложениот закон не ги почитува основните права на работниците, како што се платениот одмор, осумчасовното работно време и забраната за детски труд. Ова е очигледна пропуст, кој ја става работната сила во подредена позиција, без адекватна правна заштита, особено во случај на работен спор,“ изјави Апасиев.
Левица ја отфрла идејата дека овој закон е резултат на консензус меѓу политичките партии, истакнувајќи дека тој е донесен без поддршка од синдикатите и без уклучување на сите опозициски партии во процесот на неговото креирање. Апасиев истакна дека е потребно вистински да се прифатат иницијативи за промена на Законот за работни односи, во кој треба да се засилат трудовите права, особено за младите кои сè повеќе се вклучуваат во флексибилни и интелектуални форми на труд.
„Левица нема да го поддржи законот во неговата сегашна форма, бидејќи се работи за обид за легализирање на експлоатацијата на работниците. Наместо да се измислува нов закон кој ги крши правата на работниците, треба да се работи на вистински решенија за нивната заштита и напредок,“ порача лидерот на Левица.
Во услови кога работничките права се сè повеќе загрозени од страна на капиталистичките интереси, Левица продолжува да се залага за подобри услови за работа, поголема заштита на правата на работниците и фер и праведни работни односи.