АктуелноЛокално

(Видео) Меѓу уапсените за „Пулс“ има пензионирани началници – единствениот активен поднел оставка пред трагедијата, но не му била прифатена

Во проширувањето на истрагата за трагичниот пожар во кабарето „Пулс“ во Кочани, меѓу уапсените се најдоа пензионирани полициски службеници и еден поранешен командир на полициската станица во Кочани. Според информациите објавени од државниот обвинител Љупчо Коцевски во емисијата ТОП Тема на Телма, уапсени се вкупно шест лица – петмина поранешни началници и еден актуелен полициски службеник кој поднел оставка пред несреќата, но таа не му била прифатена.

Новите осомничени – вкупно десет – се товарени за неправилности при издавање сообраќајни решенија и согласности за објектот каде се наоѓало кабарето „Пулс“, во периодот од 2012 до 2022 година. Според Обвинителството, осомничените не спровеле целосна и детална проверка при издавање на позитивни мислења и со тоа му овозможиле на објектот да добие лиценца за вршење угостителска дејност, иако не ги исполнувал законските услови.

„Сите заедно придонеле правното лице да добие дозвола за работа, со што била загрозена безбедноста на граѓаните“, информираат од Обвинителството.

Иако тројца од новоосомничените се веќе приведени, другите се пензионери, дел од нив во пензија од 2018 година. Петмина служеле во СВР Штип, а двајца во Кочани. Обвинителството најавува дека ќе бара мерки на претпазливост, но не и притвор.

Интересен е и случајот на единствениот активен началник меѓу осомничените – тој не е опфатен поради неговата актуелна функција, туку за претходни постапки. Според Телма, тој поднел оставка два месеци пред пожарот, но институцијата не ја прифатила.

Во изминатите години, одредени полициски службеници, според информациите на Телма, дури и одбивале да дадат сообраќајни решенија за паркинг на објектот, но дозволите сепак биле издадени од страна на општина Кочани. Во дел од барањата, правниот субјект не навел дека објектот ќе се користи како кабаре, што создава дополнителна правна сива зона околу добивањето на лиценцата.

Обвинителот Коцевски негираше дека истрагата е селективна, нагласувајќи дека сите инволвирани се третираат согласно фактите и доказите, без разлика на нивниот статус – активен или пензиониран.