АктуелноЛокално

Ковачев бега од одговорност – „Водовод“ Кочани остана без директор во најкритичен момент

Во период на институционална нестабилност и отворена криза во локалната самоуправа, КЈП „Водовод“ Кочани остана без прв човек. Поранешниот в.д. директор, Кирил Ковачев, на 9 април 2025 година поднел неотповиклива оставка и истовремено се пријавил и почнал нова работа во Подрачната единица на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП) во Кочани.

Од самото претпријатие потврдено е дека Ковачев е избран на работното место „координатор“ по оглас објавен на 19 март 2025 година, согласно Законот за работни односи и интерните правила за вработување.

Овој потег доаѓа во момент кога „Водовод“ се соочува со сериозни финансиски проблеми и институционален вакуум. Директорот ја напушта функцијата без да обезбеди континуитет, во време кога Општина Кочани нема избрано градоначалник, поради притворот на Љупчо Папазов — поранешен прв човек на Општината, а претходно и директор на „Водовод“.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што „Водовод“, покрај водоснабдување и одведување отпадни води, е надлежен и за одржување на јавната хигиена, гробишта и јавно зеленило. Состојбата на терен покажува очигледни недостатоци во извршувањето на овие функции, што ги чувствуваат жителите на Кочани, особено по трагичниот настан кој ја потресе општината.

Во моментов, јавноста прашува зошто Ковачев решил да го напушти претпријатието токму сега, кога е најпотребна стабилност и водство. Дополнително, претпријатието е оставено без раководство, што го загрозува неговото редовно функционирање.

Новиот в.д. градоначалник на Кочани, Љупчо Крстевски, заедно со Советот, сега има итна задача – да назначи нов директор кој ќе ја стабилизира состојбата во „Водовод“ и ќе ја врати довербата кај граѓаните дека јавното претпријатие ќе продолжи да функционира во интерес на заедницата.

Z P

Zvezdanka Pesikj