Американски дронови убија 30 земјоделци во Авганистан
Според Ројтерс, американски дрон, чија оригинална мета биле борци на ИСИС, погодил земјоделски работници кои се одмарале во сенката по напорниот работен ден.
Освен загинатите, најмалку 40 се повредени во источната провинција Нангахар, според најмалку тројца авганистански државни службеници. „Работниците имаа запалено оган и седеа заедно кога дронот ги погодил,“ изјави племенскиот старешина Малик Рахат. Авганистанското Министерство за одбрана го потврди нападот но не сподели детални информации за жртвите и бројката.
Според сопственикот на полето, над 150 работници биле присутни на работа дента од кои дел сеуште се исчезнати. „Некои од нас успејаа да побегнат додека многу други беа убиени,“ изјави Џума Гул, локален работник на полето. „Таквите грешки никогаш нема да можат да бидат оправдани. Американските воени сили мора да разберат дека никогаш нема да ја победат војната убивајќи недолжни цивили“.