Си Џинпинг предупредува: САД ризикуваат самоизолација со трговските царини
Претседателот на Кина, Си Џинпинг, денеска упати остро предупредување до Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека едностраното воведување трговски ограничувања би можело да ги изолира САД од остатокот од светот.
Изјавата на Си доаѓа во момент на растечки тензии меѓу Вашингтон и Пекинг, по најновите мерки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која воведе вкупно 145% царини на кинеските производи. Како одговор, Кина возврати со зголемување на тарифите на американски производи до 125%.
„Нема победници во царинската војна. Кога ќе застанеш против целиот свет, крајниот резултат е самоизолација“, изјави Си Џинпинг за време на средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во Пекинг, пренесе кинеската новинска агенција „Синхуа“.
Си повика на заедничка акција со Европската Унија против „еднострачното малтретирање“, со цел да се заштитат легитимните интереси на суверените држави и да се зачуваат меѓународните правила и поредокот.
Европската Унија, која исто така е таргетирана од американските тарифи – со 20% на одредени производи – веќе предупреди за глобални економски последици и најави контрамерки. САД неодамна прогласија 90-дневен мораториум за царини кон повеќето трговски партнери, вклучително и ЕУ, отворајќи можност за преговори.
Брисел продолжува со политика на „намалување на ризикот“ од кинески увоз, обидувајќи се да балансира заштитни мерки – како царини за електрични возила – со желбата за одржување стабилни економски односи со Кина.
Кинескиот претседател нагласи дека, и покрај надворешните предизвици, земјата останува фокусирана и решена самата да управува со својата иднина.
„Повеќе од седум децении, Кина се развиваше преку самостојност и напорна работа. Никогаш не зависевме од туѓи услуги, ниту пак отстапивме пред неосновано притискање“, истакна Си.
Трамп, пак, тврди дека зголемените тарифи се неопходни за да се исправат трговските нерамнотежи и да се спречи Кина „да ја искористува Америка“. Тој неодамна изјави дека Кинезите, како „горд народ“, ќе мора на крајот да прифатат договор.
Кина, пак, ги нарече овие тарифи „абнормално високи“, обвинувајќи ја американската страна за „еднострачно малтретирање и принуда“, што претставува „сериозно прекршување на меѓународните економски правила и основните економски принципи“.
Трговската војна меѓу двете најголеми светски економии веќе има сериозни последици врз глобалните пазари – цените на нафтата паднаа на најниско ниво во последните четири години, а неизвесноста околу синџирите на снабдување продолжува да ги загрижува инвеститорите.