АктуелноЛокално

Синовите ми ја ограбија компанијата, државата им помогна – тврди Борис Стојменов

Поранешниот министер за финансии и бизнисмен Борис Стојменов во јавноста излезе со шокантни обвинувања против своите синови, Емил и Марјан Стојменов, тврдејќи дека тие ја ограбиле семејната компанија „БС“ во вредност од над 30 милиони евра. Во објава на неговиот личен профил на Фејсбук, тој посочи дека грабежот бил изведен со поддршка на државни институции, но, како што нагласува, не поради корупција, туку поради незнаење на законите.

Стојменов вели дека институциите, наместо да ги заштитат правата на основачите на компанијата, со свои пропусти придонеле за, како што тврди, најголемата неправда во неговото семејство.

„Централниот регистар злоупотреби свои овластувања и погрешно го примени Законот за трговски друштва, со што овозможи грабеж во вредност од 30 милиони евра,“ пишува Стојменов, додавајќи дека институцијата не постапила ниту по Законот за наследување, со што се отворил патот за незаконска пренамена на имотот.

Во објавата, тој ја прозива и Управата за јавни приходи, за која вели дека исто така учествувала во процесот, но поради нестручност, а не корупција.

Стојменов најавува дека ќе поднесе кривични пријави против сите надлежни институции и поединци вклучени во случајот, со цел – како што вели – да се воспостави владеење на правото во Македонија, дури и на ниво на фамилија.

„Правната држава мора да функционира, и во државата, и во семејството. Овој случај нема да го оставам,“ истакнува Стојменов.

Информацијата веќе предизвикува внимание во бизнис-заедницата, особено бидејќи се работи за компанија што со години била присутна во македонската економија и за семејство кое важи за едно од поистакнатите на економската сцена во транзицискиот период.

Останува да се види дали институциите ќе постапат по најавите за поднесување пријави и дали ќе отвораат постапки за расчистување на случајот, кој носи елементи на внатрешен корпоративен конфликт со длабоки правни импликации.

Z P

Zvezdanka Pesikj