АктуелноЛокално

Кошничка по мерка на премиерот: Како да го дефинираме просечниот трошок живот без четиричлено семејство и без одмор?

Економијата на Македонија продолжува да прави интересни искораци, а последниот од нив е нешто што би го нарекле „кошничка по мерка на премиерот“. За разлика од вообичаеното, оваа кошничка нема да се мери според реалните потреби на едно четиричлено семејство, туку, според едно трочлено семејство. Очигледно имањето повеќе од едно дете е луксуз за државата – парадокслано нели при негативен наталитет – за таквите семејства нема место во економската математиката, а пресметките не вклучуваат ниту алкохол, цигари, а дури ниту, за чудо, одмор во странство.

Токму така, наместо да се стремиме кон еден нормален животен стандард, кој ги зема предвид сите потенцијални трошоци, државата решава да ја изостави реалноста и да дефинира што е потребно за да се биде среќен, а пред се, задоволен. За премиерот, изгледа, животот во Македонија треба да биде сведена на минимум: трочлено семејство без алкохол, цигари и одмор во странство – како што вели заменик министерот за економија. И каде е, се прашуваме, вистинската суштина на животот ако се отфрлаат овие „мали радости“? Но, нема проблем – за одмор во странство, тоа не го вклучуваме во пресметката! Кој сака да се опушта на некое „егзотично“ место во соседството, никој нели?

Но, тоа не е сè. Заменик министерот, Ристески, вели дека пресметката нема да се користи за политиканство, туку за креирање на мерки за подобрување на животниот стандард. Па така, доколку тоа не е политиканство, што тогаш е? Ако на крајот на денот добиеме просечна кошничка што вклучува минимално трошење, а според тоа да се каже дека се работи за напор да се подобри животниот стандард, дали сме на вистинскиот пат?

Можеби, следната недела ќе дознаеме што сè точно содржи „државната кошничка“, но додека чекаме, ќе продолжиме да се прашуваме дали е ова всушност обид да се скрои една просечна кошничка по мерка на премиерот, кој гледа и се грижи за само еден мал дел од сликата на Македонија – елитата на која и тој припаѓа.