АктуелноЛокално

Апасиев на Фејсбук најави интерпелација за министерот Тошковски поради пропустите на полицијата за трагедијата во Кочани

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, преку кратка, но значајна објава на својот фејсбук-профил, најави дека пратениците од Левица ќе поднесат интерпелација за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Повод за овој чекор е трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животите до сега ги загубија 61 млад човек.

„Еве, баце, работно… #Интерпелација“, напиша Апасиев, алудирајќи на конкретни чекори што ги презема Левица во одговор на случувањата, а на сликата беше објавена и интерпелацијата за Тошковски во изработка.

Апасиев за време на Пратеничките прашања претходната недела ја обвини полицијата и Министерството за внатрешни работи за сериозни пропусти и недостиг на навремена и ефикасна акција што, според него, можела да спречи или барем да ублажи последиците од трагедијата. Апасиев и неговата партија укажуваат и на постојаниот проблем со корупцијата, нефункционалноста на институциите и негрижата за безбедноста на младите.

Поднесувањето на интерпелација е еден од ретките, но силни инструменти на политичка одговорност во парламентот, а Левица јасно покажува дека нема намера да дозволи случајот со „Пулс“ да заврши без политичка и институционална одговорност.

Очекувањата се дека расправата околу интерпелацијата ќе ја отвори темата за безбедносните стандарди, лиценцирањето на објекти и улогата на надлежните органи во превенцијата на вакви трагедии.

Со овој потег, Левица покажува дека, и покрај реториката, е подготвена на конкретни институционални дејствија во име на жртвите и нивните семејства.

Неговата објава на Фејсбук на линкот подолу: