Ѓуровски: Трампизмот како последен стадиум на капитализмот
Став на Игор Ѓуровски, заменик координатор на ПС Политичка економија на Левица.
Кога капитализмот ќе се соочи со крајот на својата последна фаза – империјализмот, состојба во која не постојат повеќе пазари, потрошувачи и ресурси што можат да се освојат и експлоатираат, тој ќе се сврти и ќе почне да ги глода институциите кои се основа на она што тој го слави како негови темелни вредности.
Одненадеж сите замислени слободи: слободниот пазар, слободната трговија, слободното движење на стоки, идеи и луѓе исчезнуваат. Демократијата станува секундарна и по малку непосакувана вредност која ќе биде заменета со плутократија, а одлуките за нејзината иднина и иднината на општествата во целост ќе бидат украдени од мала група на клептоолигарси распоредени на сите значајни и клучни позиции.
Ова не е ништо ново ниту неочекувано. Сите овие состојби и процеси, директно или индиректно се опишани не само од Карл Маркс и Фридрих Енгелс, туку и од многу други филозофи, мислители и автори. За жал на мнозинството, марксизмот во западниот свет беше забранет повеќе од седумдесет години, а на нашиве простори повеќе од триесет и пет.
Денес тоа станува реалност. Она што се нарекува западен свет денес е сведено на глутница изгладнети хиени кои скитаат низ празната савана во која не останало ништо друго освен самите тие. Дури и да има плен, кој може да се победи и изглода до коска, тој е премногу силен и воопшто не е лесно, а можеби и невозможно да се убие и да се распарчи без ризик самата глутница да биде уништена и згазена од она што само до вчера изгледало како сигурен извор на исхрана. Денес најбезбедно за хиените е да се свртат самите против себе. Да кружат и да ги меркаат своите најслаби и најистоштени единки. При првиот знак на слабост, најслабите единки молскавично ќе бидат распарчени и ќе завршат прво во челустите, а потоа и во стомаците на нивните изгладнети припадници на истата глутница.
Каде е тука Македонија?
Ние сме она мало глувче во бескрајната савана за кое не вреди да се троши ниту време, ниту енергија за негово фаќање. Нашата беззначајност е во исто време и проклетство, но и предност.
Ние денес треба да се свртиме самите кон себе. Да го стегниме каишот. Да ги редуцираме сите непотребни трошоци. Да направиме анализа што можеме сами, а за што ни треба помош. Илјадниците измислени вработувања во администрација да ги трансформираме во вработувања кои ќе генерираат новосоздадена вредност. Да ги укинеме стотиците беззначајни и апсурдни регулативи, сопки и шалтери и да го направиме чесниот бизнис повторно атрактивен.
Нас ни треба НОВ ДОГОВОР. Со тој нов договор државата да стане мајка, а не маќеа. Да ги централизираме институциите и агенциите, за да можат дозволи, лиценци и секакви документи да се добијаат по можност вчера, а не утре. Сите добри идеи или бизниси кои се покажале како успешни да се скалираат повеќекратно. Да се направат директни трговски договори со држави и ентитети кои ни се природни партнери затоа што поради географски, ресурсни и/или други услови, ние го имаме она што тие го немаат и обратно. Да им се помогне на способните, а да се згрижат и осигураат оние кои тоа не се…
Сето ова е можно!
СЕТО ОВА Е МОЖНО!!!
А оние кои го тврдат спротивното или немаат визија или се неспособни или едноставно не им е грижа.