АктуелноЛокално

Декларацијата за Палестина заглавена во Собранието: Левица обвинува за блокада и соучесништво во генoцидoт

Декларацијата за признавање на независна палестинска држава, поднесена од политичката партија Левица, веќе пет месеци е блокирана во Собранието на Република Македонија. Според кажувањето од претставници на Левица, вината за застојот ја сносат Муса Џафери од ДУИ, кој како претседател на собраниска комисија одбива да ја стави точката на дневен ред, и спикерот Африм Гаши, кој не ја користи својата деловничка надлежност да ја деблокира декларацијата.

Пратеникот Реџеп Исмаил Хактан отворено обвини дека „ДУИ и ВЛЕН го злоупотребуваат исламот само за политички цели“, нарекувајќи ги продолжена рака на ционизмот во државата. Тој истакна дека декларацијата, со која Македонија би ја признала Палестина како независна држава и симболично би ја осудила агресијата врз палестинскиот народ, намерно се игнорира од албанскиот блока на партии и власта.

„Прават сè да го придушат гласот што ќе го разобличи геноцидот кој секојдневно се случува пред нашите очи. Нашата Влада продолжува да гласа против Палестина на сите можни инстанци во Обединетите Нации, со што експлицитно ја поддржува израелската агресија во Газа“, напиша Хактан.

Неговиот сопартиец, пратеникот Амар Мециновиќ, предупреди дека молкот мора да престане и најави иницијатива за одблокирање на декларацијата. „Или ќе ја стават декларацијата на дневен ред, или ќе треба да почнат да објаснуваат пред јавноста зошто тоа не го прават“, истакна тој.

Координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов побара пауза од час време и итна ад-хок координација за расчистување на дилемите околу причините за кочење на оваа симболична, но политички значајна декларација.

Левица има поднесено Декларација за признавање на државата Палестина уште на 8 ноември. Поминаа пет месеци, а Декларацијата останува закочена во Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, под водство на Муса Џафери“, истакна Крмов, и го повика спикерот Гаши да ја закаже седницата согласно Деловникот.

„Прво и основно, го газиме Деловникот. И второ, имаме ли ние, колеги, и посебно Вие, претседателе, имаме ли ние совест воопшто во ова Собрание? Само пред некој ден гледавме видео каде после експлозија педесет метри во воздух летаа распарчени тела на мажи, жени и деца. А ние во Собранието не можеме да отвориме ни една најобична дебата.” – потенцираше пратеникот од Левица

„И за иронијата да биде поголема, гласачкото тело на двете партии или коалиции коишто ја кочат декларацијата на Левица (ВРЕДИ и на Европскиот фронт), всушност се најголемите поддржувачи на Палестина и на палестинскиот народ” – потсети пратеникот Крмов.

„Јас уште еднаш повикувам на совест на Собранието и посебно на Вашата совест, претседателе. Повикувам на разум, повикувам да имаме ад хок координација каде што ќе разговараме за овој процес, итно да го откочиме и конечно во ова Собрание да се проговори за геноцидот во појасот Газа, којшто ни се случува пред очи!” – апелираше пратеникот.

Од Собранието сè уште нема официјален став по овие обвинувања, додека јавноста сè погласно бара јасна позиција за настаните во Газа и поддршка за правото на самоопределување на палестинскиот народ.