ERROR 404 Правда во Македонија not found: Две години затвор за Пајазити – човекот што ја усмрти 22 годишната Теодора во Тетово
Правдата повторно задоцни. Или подобро речено – не ни пристигна. Менсур Пајазити, кој во септември 2022 година ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска во Тетово, ќе помине само две години во затвор. Доколку, секако, и таа казна не биде „преиспитана“ или заменета со некоја поудобна варијанта.
Судската сага што трае речиси две години ја отсликува реалната слика на македонското судство: апатија, контрадикторни пресуди, и сериозна наклонетост кон обвинетите кога тие имаат доволно ресурси или влијание. Од првичните три и пол години затвор – што и самите беа под минимумот за загубен млад живот – казната на Пајазити магично се намалува на две години по жалба до Апелација. А потоа, за финале, Врховниот суд решава дека дури и тоа било премногу – и предметот го враќа на почеток, како да се работи за банално паркирање, а не за одземен човечки живот.
Пајазити не само што не заврши во затвор веднаш по пресудата, туку беше „на лекување“ кога требаше да се појави на суд. Очигледно, здравствената состојба му дозволува да вози, но не и да одговара пред судот.
Жртвата? Теодора не доби втора шанса. Не доби ново судење. Не доби апелација. Не доби можност да каже „виновен е“. Не доби ниту правда. Единствено што доби е тишина од институциите и правен систем кој на очиглед на целата јавност одлучува дека животот на една млада девојка вреди – само две години.
Судството мора да одговори: дали тоа е цената на еден човечки живот? Дали селективната правда е новото нормално? И најважното: дали сме сите еднакви пред законот, или само оние без врски и без средства треба да стравуваат од казна?
Македонското судство одамна има проблем со довербата од граѓаните. Оваа пресуда само потврдува зошто. Правдата не е слепа – таа во Македонија очигледно гледа многу добро, и избира кого ќе го прегази, а кого ќе го помилува.