АктуелноЛокално

Денес започнува второто издание на фестивалот за литература „Видик“

Од денес до 16 април започнува второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“. Со иновативен спој на повеќе области на културата, фестивалот „Видик“ отвора нови културни видици, давајќи значајна поддршка на авторите од сите области на културата, посочуваат од „Арс Ламина публикации“.

Како прв настан од овогодинешното издание на фестивалот е промоцијата на романот „Три Марии” од Оливера Ќорвезироска. Промоцијата ќе се одржи во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, со почеток во 19:00 часот.Промотор на настанот ќе биде Илина Јакимовска.
Учесници: Катерина Коцевска, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Симона Димковска

„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Оливера Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Тој е внимателно осмислен омаж на Славко Јаневски, којшто не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело. Авторката поетички сака да се надоврзува на своите претходници, па оттаму доаѓаат и игривото варирање на насловот на романот на Јаневски „Две Марии“ од 1956 година, и именувањето на еден од машките ликови само со Славко, и присуството токму на тој роман на полиците во станот…

„Три Марии“ содржи три самостојни приказни за три различни жени кои носат исто име – Марија и кои сакаат да ги напуштат моментните животи поради грешна љубов. Своја или туѓа. Она што ги обединува во романескна структура е токму станот што се издава и што сите три сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него…

Поднасловот роман-басма во извесна смисла го „оправдува“ присуството на многу фолклористички обичаи, верувања и суеверија, црни судбини, фатуми и карасевди во романот. Иако станува збор за современ роман од нашево време и од нашиов микропростор (Скопје), во него има етнообичаи од североисточна Македонија: китење младоженец со пари, погребување мртовец со кукла… како и свадбарско „мавиле“ од велешкиот крај.