Пет месеци од трагедијата во Нови Сад – Граѓаните оддадоа почит на жртвите
- Истрагата продолжува, но виновниците се уште не се познати
На петтиот месец од трагичниот пад на настрешницата во Нови Сад, граѓаните се собраа пред станицата каде се случи несреќата за да им оддадат почит на 16-те лица кои ги загубија животите. Пред станицата беа поставени цвеќе и свеќи во знак на почит за жртвите, а присутните изразија солидарност и поддршка за семејствата на загинатите.
Пет месеци по трагедијата, истрагата за причините на несреќата трае. Додека се чекаат официјалните заклучоци, се поставува прашањето дали се утврдени пропустите во изградбата на настрешницата.
Српските медиуми објавија дека истата кинеска компанија која ја градела настрешницата во Нови Сад била одговорна и за изградба на облакодерот кој се сруши во Бангкок. Ова создава нови сомнежи и поставува прашања за безбедноста на градежните проекти на оваа компанија.
Оваа трагедија поттикна дебата за регулациите и контрола на градежните компании, кои мораат да бидат подложени на строг надзор. Проблемите со безбедноста и квалитетот на градежните проекти не смеат да бидат игнорирани, особено кога се работи за јавни објекти.
Додека времето минува, прашањето за одговорноста на компанијата и институциите останува актуелно. Граѓаните продолжуваат да бараат правда за жртвите и подобра безбедност за идните проекти.