АктуелноЛокалноСтав

Мустафаоглу: Честит 8 Март – не како празник на цвеќиња и чоколади, туку како потсетник дека борбата продолжува

Не знам за вас, ама мене ме иритира секоја честитка од оние кои газат врз женската пот, женската мака.
Ми се лоши од лицемери што ни посакуваат да бидеме „посебни, храбри, непокорливи“, ама кога ќе бидеме такви – истите тие ќе нѐ напаѓаат, навредуваат, пцујат, ќе фрлаат со дрва и камења по нас.
Ме иритираат честитки од централни и општински власти кои најмногу што направиле за жените е доделување на награда за ‘најуспешна бизнис жена’. Општини во кои жените жртви на семејно насилство немаат кров под кој можат да се засолнат бидејќи нема ниту еден функционален шелтер центар.
Функционери што ургираат за исчезнување на пријави во полициските станици за да ги заштитат насилниците, а не жртвите.
Ме вади од такт систем што турка самохрани мајки во бездна, без механизам што ќе ги заштити од сиромаштија и несигурност. Систем што со години ветува подобра здравствена заштита, а жените умираат од рак што можел да биде превениран. Систем што гледа, знае, но не спречува – ни насилство, ни убиства.
Ме револтираат пратеници што ни продаваат евтини осмоматровски насмевки, додека одбиваат измени во Кривичниот законик што можат да спасат нечии животи, и тоа само поради тоа што биле предложени од Левица… Додека некоја жена во овој момент трпи насилство, без начин да избега, без шанса да добие правна и институционална заштита.
И уште повеќе ме иритираат жени што со воодушевување ги прифаќаат овие празни честитки од своите џелати.
Се надевам дека ни е доста. Дека ќе бидеме заедно погласни.
Честит 8 Март – не како празник на цвеќиња и чоколади, туку како потсетник дека борбата продолжува.