Во недела ќе се одржи “Невестинско поклонение 2025”
Познатиот и уникатен пост-свадбен обичај од кривопаланечкиот крај, “Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон”, што се одржува во црквата што го носи името на светецот Теодор Тирон, во Конопница, ќе се одржи во недела, 9 март 2025, со почеток во 13 часот.
Сите невести венчани помеѓу двете Тодорови саботи, заедно со своите свекрви, што до утре имаат можност да се пријават за учество, ќе бидат дел од познатата, оживеана вековна традиција.
Организатор е здружението “Патник”, во тек се финалните подготовки за годинашното, 15- то, издание, а како и секоја година, поддршка на манифестацијата пружа Општина Крива Паланка, заедно со институциите од областа на културата, во соработка со МПЦ-ОА, Кумановско-Осоговска епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво.
Обичајот опфаќа поклонение пред св.Тирон на младите невести, венчани меѓу двете “Тодорици”, заедно со своите свекрви, со молитва за род и пород.
Годинава ќе има трето, последователно учество на снаата и свекрвата од светски реномираната културна манифестација „Галичка Свадба“, а пријавени се парови, снаа – свекрва од: Струга, Скопје, Ранковце и Крива Паланка, така што, организаторот најави учеснички од западниот, централниот и источниот дел на државата.
“Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон 2025” почнува со изведување на ритуалот на поклонување пред светецот, по што следува молитва за зајакнување на брачните врски и водосвет во дворот на црквата. Учесничките ќе добијат благослов за род, пород, благосостојба и слога во бракот.
За секој пар организаторот обезбедува свечена поклоненичка марама и специјален поклоненички брош.
За подобрување на квалитетот и нивото на организација на манифестацијата, Кривопаланечкото архиерејско намесништво заедно со месното население и поддршка од Општина Крива Паланка, изврши и обнова и уредување со опремување на кујната и трпезаријата во помошниот објект на самата црква, а во претстојниот период, планирано е и партерно уредување на дворот на црквата, согласно расположливите ресурси.
Настанот ќе биде збогатен со културно – уметничка програма, настап на Андријана Алачки, бендот на Гоце Димовски, Синтезис и фолклорна програма на членовите на КУЗ “Карпош”, Крива Паланка.