АктуелноЛокалноСтав

Илиева: Минимална плата во Македонија – лакмус тест за социјалната неправда


Став на Катерина Илиева

За да зборувате денес за минималната плата во Македонија, не мора да сметате дека тоа е економски поим, ниту пак да сте вработени во Министерството за труд и социјала – денес ребрендирано и за демографија и млади. Доволно е да сте човек кој живее во оваа земја и секако, информациите што ги примате да ги рационализирате свесно.

Оттука натаму, секој свесен човек ќе дојде до истиот заклучок: дури и минималната плата е уште еден симбол на системскиот криминал на владејачките елити. Она што се претставува како „социјална мерка“ всушност е механизам преку кој работникот останува заглавен во егзистенцијален лимб, без можност за вистинско осамостојување и достоинствен живот. Наместо да служи како основа за подобрување на животниот стандард, минималната плата е сведена на инструмент за одржување на статус кво – доволна само за преживување, но недоволна за напредок.

Ако ја погледнеме преку филозофските очила на Карл Маркс, Џон Стјуарт Мил, Џорџ Орвел и Фјодор Достоевски, ќе видиме дека секој од нив би ја препознал како лакмус тест за социјалната неправда:

Маркс ќе го види ова како учебникарски пример на капиталистичка експлоатација – профитот на капиталистите се гради врз потрошувачката вредност на трудот, додека работникот останува затворен во маѓепсаниот круг на бедата.. Достоевски ќе ја прочита оваа ситуација како трагедија на човековата егзистенција, каде што работникот е лишен од основната човечност, потиснат во безнадежност, Орвел ќе согледа како правата и слободата на работниците стануваат илузорни, додека се контролираат од тирански режими и статистики, а Мил ќе постави суштинско прашање: Дали ова е општество што обезбедува права и еднаквост за сите, или пак, се води политика која ги затвора очите пред сиромаштијата.

Ние велиме дека минималната плата е средство за преживување, а тие ни укажуваат дека е доказ за неправдата и борбата што ја водат работниците. Да бидам искрена, јас им верувам.

Денешната политика сè повеќе се претвора во маркетиншка игра. Министерката за финансии, како шпанска инквизиција, ни излегува од секој агол – поучувајќи нè која е „мајка“, а која „немајка“, советувајќи нè колку литри млеко и колку векни леб смеат да ни поминат низ грло, за случајно да не завршиме во некоја „американска трагедија“ на дебелината. Дополнително, додека работничката класа води борба за гол опстанок како да врзе крај со крај во месецот, министерката преку социјалните мрежи објавува „успеси“, создавајќи симулакрум што нема допирна точка со секојдневието на народот. Наместо да се фокусира на вистински социјални реформи и стратегија за напредок, нејзиното министерство се сведува на пропагандна платформа што ги игнорира реалните потреби на граѓаните. Би рекла, ова е маркетиншка негација на вистината и во голема мера суштински недостиг на човечност во политиката. Маркс би рекол „фетишизам на политичката стока“, каде што политичарите продаваат слика на успех, додека реалноста на експлоатираните останува иста.

Лимани пак, кој беше дел од владејачката коалиција, ја тера истата игра. Неговото политичко срце, кое замислете беше обвиткано со интересите на крупниот капитал, си продолжи да ги брани интересите на тие што ги газат работниците и сиромашните. Лимани, иако глумеше еден вид на „прогресивец“, не направи ништо суштинско за работниците. Во јавноста се лееа празни зборови за „подобрување на стандардот“, а зад затворени врати се донесуваа одлуки кои ги штитат интересите на големите корпорации и финансиски елити. А стандардот? Како нов!

Историјата е полна со примери кога идеалите се судираат со стварноста, оставајќи крвави компромиси и политички манипулации.

Но, добро. Теории и муабети – ќе речете. Ама како живееме?
– Токму како што Маркс ја опишуваше класната борба како движечка сила на општеството, така и денес работниците во Македонија живеат во постојана битка со капиталот. Платите се сведени на минимум, додека профитите на бизнисите растат неуправливо. Иако минималната плата расте, тоа е само козметичка манипулација која не го решава проблемот. Расте платата – растат дупло трошоците за живот!

И на крајот од денот, да не се лажеме – било да е СДСМ, ДУИ или ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, тие играат улога на фарса – глумат дека нешто прават, но суштински не го менуваат системот.

Тоа ви е како во класичните трагедии, работникот е оставен без шанса за промена. Од “историски успех” на зголемување на минималната плата, до “празни политички маневри” – човечноста е потисната, додека нацијата останува во јабаната на социјалната нееднаквост.

Треба да бидете свесни: промени не доаѓаат со маркетиншки трикови, промени доаѓаат со вистинска, човечна и социјалистичка коренита промена која ќе донесе правда за сите.