Цуцуловски: Речиси е извесно дека ќе следи промена и на химната, бидејќи не биле само Делчев, Груев, Сандански, туку и…
Речиси е извесно дека ќе следи промена и на химната, вели професорот Љубомир Цуцуловски кој направи споредба со барањата за промена на југословенската химна. Како што вели Цуцуловски и тогаш и сега барањата не се од надвор, туку од внатре.
Објавата на професорот на Фејсбук ја пренесуваме во целост:
– „СЕЌАВАЊЕ НА ОНА ШТО ЌЕ СЛЕДИ. Постарата генерација веројатно се сеќава дека во СФРЈ постоеја неколку обиди за промена на химната ‘Хеј Словени!’ Последен посерозен обид беше во 1973/74 година. Тогаш како најприфатлива беше прифатена мелодијата од македонскиот композитор Таки Хрисик. Меѓутоа, проблемот настана кога некои почнаа да негодуваат, тврдејќи дека во СФРЈ не живеат само Словени, туку и други народи. Со други зборови, сметаа дека треба да се менува не само химната на државата, туку и нејзиното име. Тие барања не дојдоа однадвор, туку одвнатре, од одредени незадоволници во СФРЈ. Денес Република Македонија е во слична, дури и идентична ситуација. Тоа значи дека Грција не мора да побара промена на химната (како и на името на државата) туку тоа ќе се направи одвнатре – од некои персони, граѓани на Република Македонија, кои сметаат дека во неа живеат и други, различни од Македонците. Според тоа, речиси е извесно дека ќе следи промена и на химната, бидејќи не биле само Делчев, Дамјан Груев, Сандански, туку биле и…
П.С. Некои работи, по сè изгледа, македонската Пандора не ги предвидела.“
Претходниот текст е целосно пренесување, без какви било измени, на мојот пост „Сеќавање на она што ќе следи“ од 8 ноември 2018 година. Значи, објавен пред повеќе од седум години. Кон него немам што да додам или одземам. Затоа и го преобјавувам целосно. Притоа, не се работи за некоја моја способност да п р е т с к а ж у в а м, туку само за п р е д в и д у в а њ е на она што ќе се случи, базирано врз непристрасна, објективна анализа на стварноста – како некогашната, така и сегашната. – пишува Цуцуловски.