Здравевски: Зошто свадбите, славите и родендените се претворени во натпревар за покажување богатство?
Став на Петар Здравевски, претседател на Црвена Младина:
Сите сме биле на тие свадби. Масите се натрупани со храна што нема шанси да се изеде, келнери носат нови порции пред старата да е дури допрена, а бендот ги пее „скапите песни“, за да можат домаќините да фрлат бакшиш во стил: „Да се знае кој е газда овде!“ Не е поентата во храната или песната – поентата е да се покаже. Да се демонстрира богатството, моќта, и да се „изгради“ угледот. Ова е нашиот современ потлач.
Што е потлач?
Во традиционалните општества во Северна Америка, потлачот бил церемонија каде се делеле подароци и се правеле гозби за да се покаже раскошот и статусот на домаќинот. Домаќинот не само што трошел богатство, туку често намерно „расфрлал“ со него, за да остави впечаток. Денес, можеби не го нарекуваме така, но свадбите, славите, па дури и обичните родендени, функционираат по истата логика.
Свадбата како театар
Свадбата е најочигледниот пример. Сè мора да биде „најдобро“ – салата, храната, бендот, облеката, дури и фотографијата. Гостите се прејадуваат со храна, а бакшишите на музичарите се колку месечна плата. Но, дали некој го прави тоа од чиста великодушност? Не. Секој момент на свадбата е мини-театар – да се покаже дека домаќините можат да си дозволат.
Славата – тивок потлач
И славите го следат истиот модел. Масата е полна со повеќе од што може да се изеде, вина, ракии, деликатеси. Гостите не го мерат квалитетот на храната, туку дали „домаќините се покажале“ или „имало од пиле млеко“. Славата одамна не е само за духовен момент – таа е сцена за социјален престиж. Поголема, побогата, подобра – сè за да се покаже пред семејството и соседите.
Дури и „обичните“ моменти
Ова не е ограничено само на свадбите и славите. Дури и кога некој инсистира да ја плати целата сметка во кафуле, тоа не е само великодушност – тоа е гест за „да се покаже“ дека може. Роденденските забави стануваат мини верзии на потлач – скапи подароци, тематски декорации.
Што сакаме да докажеме?
Овие „потлач моменти“ не се само забави, тие се сцени на социјална борба. Домаќинот не ги троши сите тие пари за гостите – тој ги троши за себе, за да го задржи статусот, да биде признаен како „моќен“. Но, прашањето е – дали навистина сме моќни или само дел од играта каде потрошувачката е мерило за вредноста на човекот?
Современите свадби, слави и прослави се нашиот потлач, само под друго име. Додека се натпреваруваме кој ќе се покаже повеќе, дали сме свесни дека често се губи суштината? Можеби е време да се запрашаме: дали раскошот и демонстрацијата навистина носат почит, или само привид на престиж?