Здравевски: Борбата за младите е борба за иднината на Македонија
Интервју со Петар Здравевски – претседател на младинската организација на Левица – Црвена Младина
Антропол: Како Црвена Младина гледа на моменталната политичка состојба во Македонија, и кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите во таа реалност?
П.З: Црвена Младина ја гледа политичката состојба во Македонија како систем кој го преферира статус-квото и ги игнорира вистинските потреби на младите. Нефункционалноста на институциите, корупцијата и незаинтересираноста на власта создаваат атмосфера на апатија и разочараност. За младите, оваа реалност значи ограничени шанси за образование, нископлатени и несигурни работни места и чувство дека иднината мора да се бара надвор од границите на државата. Ако овие проблеми не се решат, Македонија ќе продолжи да губи генерации на квалитени кадри.
Антропол: Дали младите во Македонија доволно се вклучени во креирањето на политиките што директно ги засегаат? Како Црвена Младина го менува тоа?
П.З: Не, младите во Македонија не се доволно вклучени. Креирањето политики останува привилегија на мал круг луѓе, додека младите се користат само како инструмент за политички маркетинг. Нивниот глас и нивните реални потреби – како бесплатно образование, пристапно домување и квалитетни работни места – се игнорирани од власта. Нашите кампањи и активности ги ставаат младите во центарот на политичкиот дијалог, со јасна визија за изградба на општество каде нивните потреби и права ќе бидат приоритет.
Антропол: Кои се конкретните предлози и иницијативи на Црвена Младина за подобрување на положбата на младите во образованието и вработувањето?
П.З: Црвена Младина верува дека образованието треба да биде право, а не привилегија. Затоа, се залагаме за воведување на целосно бесплатно образование на сите нивоа, кое ќе вклучува бесплатни учебници, материјали и покривање на трошоците за студирање. Исто така активно работи на подобрување на невработеноста кај младите. Во многу локални совети поднесовме иницијативи за воведување на платени пракси во јавните претпријатија, кои ќе им овозможат на младите да стекнат реални вештини и да бидат поконкурентни на пазарот на трудот. Ваквите мерки не само што ќе ја подобрат положбата на младите, туку и ќе ги мотивираат да останат во Македонија и да градат иднина тука.
Антропол: Кои се главните причини за масовното иселување на младите од Македонија, и какви решенија предлага Црвена Младина за да се задржи младинскиот потенцијал во земјата?
П.З: Иселувањето на младите е резултат на сплет од повеќе проблеми. Најголемиот фактор е економската ситуација, која е тежок товар за многу млади. Ниските плати, несигурните работни места и недостигот на перспективи во Македонија ги принудуваат младите да бараат шанси во странство. Покрај тоа, станбеното прашање е сериозен проблем – трошоците за формирање дом се премногу високи и немаме доволно опции за млади луѓе кои сакаат да се осамостојат освен со станбен кредит кој треба да се отплаќа цел живот, а младите не се ни кредитоспособни.
Образованието, наместо да биде средство за развој, често е остварливо само за оние кои можат да си го дозволат. Скапо е, а студентските домови не се во најдобри услови. Субвенционираниот студентски оброк е само 140 денари дневно, што не е доволно, особено ако се земе предвид тековната инфлација.
Црвена Младина се залага за бесплатно образование на сите нивоа – од основно до високо, вклучувајќи бесплатни учебници, материјали. Понатаму, се залагаме за зголемување на субвенционираниот студентски оброк согласно инфлацијата, така што студентите ќе можат да добијат пристоен оброк. Студентите исто така заслужуваат подобрување на условите во студентските домови и изградба на нови со модерни и пристојни услови.
Младите имаат потреба од платени пракси – со цел да им се овозможи да стекнат вештини и искуства кои ќе им помогнат да се вработат во својата област, а потоа и да го решат конечно станбеното прашање со изградба на државни станови за млади – станови кои ќе бидат со поволна цена.
Антропол: Која беше најзначајната порака од третата годишна конференција на Црвена Младина, којашто ќе биде ваш водич во следниот период?
П.З: Најзначајната порака од третата годишна конференција беше дека ние, како Црвена Младина, сме во период на огромна одговорност. Нашата борба е поголема од нас самите и таа е за иднината на младите во Македонија. Ние сме носители на промени, кои не се само за нас, туку за сите оние кои се чувствуваат запоставени и заборавени од системот. Наша задача е да ги претставуваме нивните интереси и да водиме борба за бесплатно образование, пристапни и квалитетни станови, и за обезбедување на достоинствени работни места.
Ќе се бориме против корупцијата и за праведно распределување на јавните ресурси, кои треба да бидат во корист на народот, а не на елитите. Нашата борба е и за намалување на младинската миграција преку создавање на услови кои ќе го задржат потенцијалот на младите во Македонија. Ова е само почеток, ние младите заедно ќе ја изградиме иднината која ја заслужуваме.