АктуелноЛокално

Деновиве излезе од печат романот „Неочекувано“ на авторката Ана Мовска

„Неочекувано“ од Ана Мовска – роман за сино-зелените алги на Марс и во Дојранското Езеро. Дебитантскиот роман „Неочекувано“ на авторката Ана Мовска деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата е дел од едицијата „Пегаз“.

Во романот е непретенциозно вплетен научен дискурс за двојната природа на сино-зелените алги кои ги има и на Марс, но и во Дојранското Езеро. Во различни хемиски процеси тие имаат различно дејство – можат да бидат лековити, но и смртоносни. Таму каде што ги има, има основа за развој на живот…

Оваа кратка проза зборува за заедништвото и здружувањето заради постигнување повисока цел, а срамежливо ја споменува и возбудата од првиот писателски обид.

„Кога настанал зборот неочекувано? Апстрактните поими сигурно датираат од поскоро време. Англискиот збор ’неочекувано‘ настанал во 1580 година. Значи, претходно дури и не можеле да ја искажат изненаденоста од неочекуваните нешта. Само се случувале и само ги прифаќале…“

Авторката Ана Мовска е псевдоним на Билјана Герасимовска (Скопје, 1969), лекар, нефролог и редовна професорка на Медицинскиот факултет. Поезија пишува од рана возраст, а „Неочекувано“ е нејзин прв роман. Верува во науката, надежта и здружувањето на луѓето за иста цел.

Ракописот „Неочекувано“ влезе во најтесниот избор за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман за 2023 година.