Отворено писмо до советниците од Карпош

Жителите на населбата Трнодол се обратија и до советниците во општина Карпош, по повод случувањата со контроверзниот ДУП за оваа населба. Во продолжение го пренесуваме нивното писмо:


Ви се обраќаме директно затоа што вие сте тие кои со вашиот глас ја креирате иднината на Oпштината. Во последно време од страна на вашиот Градоначалник беа пласирани голем број лажни информации за предлог ДУП-от за Гр. Четврт Ј03 кварт 07 кој – меѓу другото – ја опфаќа и нашата населба – Трнодол.

Вие сте тие кои може најлесно да проверат дали тоа што широкоградо во јавноста го ветува градоначалникот, е вистина или вистина е тоа што го предвидува предлог ДУП-от. Но, сакаме да потенцираме неколку работи кои вас директно ве засегаат и за кои сносите како морална, така и кривична одговорност.

Не е точно дека новите објекти кои се во продолжение на gерманската амбасада ќе имаат обврска да извршат заштита на земјиштето од пролизгување. Отворете го предлог ДУП-от и во општите одредби ќе видите дека таму се предвидува дека треба да се направат геомеханички испитувања на земјиштето (?1), а во посебните одредби нема ниту една единствена одредба за тие локации во врска со ова. Знаците на чудење и прашалниците се ставени затоа што таква студија веќе постои од 2010 г. и која вели дека земјиштето во населбата Трнодол е потенцијално нестабилно, а оваа студија не е користена при изработка на новиот Предлог ДУП. 

Укажуваме дека секој еден кој учествува во оваа постапка за изготвување и носење на ваков предлог ДУП, а претходно со неколку преписки до општинските и градските власти и до вас како советници, како и со многу соопштенија во јавноста од страна на граѓани и стручни лица е укажано дека постојат сериозни ризици и опасности по животот и имотите, доколку ни се случи уште едно Стајковци, а населбата Трнодол се излизга во Козле или се случи некоја друга несреќа која можела да се предвиди или избегне, сносите и кривична одговорност.

Одговорноста произлегува и од избегнување на обврската да се почитуваат и законите за заштита на животната средина, поконкретно обезбедување на слободен проток на заштитните канали, кои се третираат како поројници и кои канали би се блокирале со изградба на овие згради што би довеле до поплавување на улиците во подножјето – Леринска, Стрезово, Козле, Миле Попјорданов итн.

Нѐ обвинуваат дека сме биле изманипулирани. Вистината е дека вие сте тие што ве манипулираат. Имено, запрашајте се зошто нашиот одговор после состанокот со Градоначалникот е вешто скриен и сѐ уште се крие од јавноста (па и од вас лично), иако е доставен на 25.11.2019 и насловено “до Градоначалникот на Општина Карпош и до Совет на Општина Карпош”, а истиот не е објавен ниту на веб порталот на Општината кој служи за информирање на сите граѓани на Општината.

Би ве замолиле да вашите наредни седници, од причина што тие се третираат како  јавни, бидат снимени и објавувани на Youtube. На тој начин вие ќе бидете амнестирани од сите можни притисоци кон вас, а јавноста и вашето гласачко тело ќе има увид во работата на Советот и начинот на кој ги претставувате и браните интересите на граѓаните.

И за крај, апелираме да го користите вашиот разум и совест и конечно да спречите овој ДУП биде донесен на ваков криминален и нетранспарентен начин, како и да закажете седница на Советот на Општина Карпош на која ќе се расправа за ова прашање и за начинот на кој Општината како организатор на повторна јавна презентација не презеде мерки за обезбедување на соодветни просторни услови и мерки за обезбедување на редот и безбедноста и заштита на животот и телото на сите граѓани кои на мирен начин сакаа да ги остварат своите уставно загарантирани граѓански, економски и социјални права.

Доколку ве интересираат повеќе детали и сите можни закони кои се прекршени при оваа процедура, слободно побарајте ги од нас. Уште еднаш го повикуваме Градоначалникот Богоев да се осмели да излезе од својот бункер и се се соочи со лицето на вистината, на ТВ дебата, а пожелно би било и во ваше присуство.


Од Граѓаните на населба Трнодол (последниот бастион пред налетот на Урбаната мафија )