АктуелноИнтернационално

Панама ги алармирашо ОН за заканата на Трамп да го заземе каналот

Во писмото до генералниот секретар Антонио Гутереш, панамската влада ги наведе резолуциите на ОН кои им забрануваат на земјите-членки да користат закани и сила.

Панама поднесе жалба до Обединетите нации (ОН) поради заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Панамскиот канал. Исто така, иницираше ревизија на компанијата поврзана со Хонг Конг која управува со две пристаништа долж виталниот меѓуокеански воден пат.

Во формално писмо до генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и Советот за безбедност на ОН од 20 јануари, владата на Панама ги отфрли забелешките дадени од Трамп за време на неговиот говор на инаугурацијата за враќање на контролата врз стратешкиот воден пат.

Во писмото дистрибуирано до новинарите во вторникот, мисијата на ОН на Панама го повика Гутереш да го пренесе прашањето до Советот за безбедност на ОН, без да побара да се свика состанок.

Во писмото се цитираат членови од Повелбата на ОН кои забрануваат која било земја-членка да користи или да се заканува со сила против територијалниот интегритет или политичката независност на друга нација и сугерира дека изјавите на Трамп го прекршиле тој принцип.

За време на неговото инаугуративно обраќање во понеделникот, Трамп ја повтори својата закана дека ќе ја „врати“ контролата врз Панамскиот канал, воден пат помеѓу Атлантикот и Пацификот, изграден од САД на почетокот на 20 век и предаден на Панама во 1999 година.

Трамп, исто така, се насочи кон Кина, тврдејќи дека таа ефикасно „управува“ со Панамскиот канал.

„Не ѝ го дадовме на Кина; го дадовме на Панама. И ние ќе го вратиме назад“, изјави Трамп.

Како одговор, претседателот на Панама Хозе Раул Мулино го отфрли тврдењето за време на панелот на Светскиот економски форум во Давос во средата, тврдејќи дека каналот „не е отстапка или подарок од Соединетите држави“. Тој, исто така, потврди дека „Панамскиот канал и припаѓа на Панама и ќе продолжи да ѝ припаѓа на Панама“.

Кина, исто така, возврати, негирајќи дека некогаш се мешала во каналот. Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Мао Нинг, во средата рече дека Пекинг отсекогаш го признал каналот како „постојан неутрален меѓународен воден пат“.

Претходно оваа недела, Мулино издаде изјава, ветувајќи дека ќе се спротивстави на обидите на Трамп да ја врати контролата врз Панамскиот канал.

Тој тврдеше дека САД и ја предале контролата на Панамскиот канал „како резултат на генерациска борба“.

Во понеделникот, канцеларијата на контролорот на Панама објави дека ревизори ги посетиле поморските власти на земјата за да започнат „исцрпна ревизија“ на компанијата „Panama Ports Company“, подружница на конгломератот „Hutchison Ports Holdings“ со седиште во Хонг Конг.

Ревизијата, наводно, е „со цел да се обезбеди ефикасна и транспарентна употреба на јавните ресурси“ во компанијата Панамски пристаништа.