АктуелноЛокално

Црвена Младина: Театарот на Министерка Јаневска го плаќаат студентите

  • Реакција на Црвена Младина

Министерката Јаневска, која пред само неколку месеци дрско изјави дека нема средства во буџетот за бесплатен превоз за студентите и средношколците, сега се обидува да ја префрли одговорноста за целосниот колапс на јавниот транспорт врз други. Парадоксално, истата таа министерката која одбиваше да го подмири долгот од 8 милиони евра кон ЈСП и со тоа директно го осуди Скопје на парализа, сега глуми загриженост за младите кои останаа без превоз.

Од нејзината политика се гледа јасен образец – ветувања за „грижа“ за младите само кога е време за предизборни кампањи, а потоа нивно систематско игнорирање што ќе доведе до укинување на веќе постоечките мерки. Не само што нема јавен транспорт за младите, туку цел град е заложник на кавгата помеѓу ДПМНЕ и Данела Арсовска, која патем беше нивен кандидат.

Јасно е дека министерката и Владата ја подриваат добросостојбата на младите, како и функционалноста на јавниот транспорт, за што сведочи фактот што само 40 автобуси возат низ градот – што е срам за секоја власт која се нарекува „народна“. Оправдувањата дека нема пари се апсолутно неодржливи во светло на огромните буџетски прераспределби за други, според младите, незначајни приоритети.

БАРАМЕ:

1. Владата веднаш да го подмири долгот од 8 милиони евра кон Град Скопје и ЈСП за да се воспостави функционален јавен транспорт.

2. Советниците на ДПМНЕ да го одблокираат парализираниот совет на Град Скопје и да изгласаат заедно со сите советници нови автобуси за Скопје.

3. Владата да покаже вистинска грижа за младите преку проширување на мерката за бесплатен превоз и на меѓуградски линии.

Ваквото лицемерие мора да престане. Студентите и средношколците не се статистика на хартија – тие се иднината која Владата свесно ја игнорира!