Се нижат скандали во здравството – Докторите без факултет
- Реакција на Политичката апртија Левица
Децениската негрижа за јавното здравство кулминира деновиве, па јавноста секој ден е сведок на скандали од здравството, кои речиси остануваат без разрешница или иницијатива за суштински реформи. Медиумот „Слободен печат” откри нов скандал (втор во низа) за лице кое, иако имало само 5 положени испити на Медицински факултет, три години била вработена како специјалист по семејна медицина во приватна ординација „Кала Медикал”!
За руинираноста на институциите покажува тоа што лицето завршило и приватна специјализација, а првата година ја финансирало Министерството за здравство со 1.000 евра. Лицето кое фигурирало како доктор немало ниту завршено Медицински факултет, ниту лиценца од Лекарската комора, но сепак ординацијата успела да склучи договор со Фондот за здравство, со што се предизвикани и штети по буџетот на оваа институција. Иако ОЈО има отворено постапка против лицето кое се претставувало како лекар и против приватната ординација, една година нема никаков исход за овој скандал кој сериозно ја руши кревката доверба во јавното здравство.
Дали работниот однос на оваа лажна докторка служел само за цедење пари од Фондот за здравство, или пак, таа “лекувала” над 1.000 пациенти, меѓу кои најголем дел деца – е прашање на кое министерот ТАРАВАРИ треба веднаш да одговори пред јавноста. Ваквите скандалозни изигрувања на системот, во услови кога медицинскиот кадар е дефицитарен, без никаков одговор од властите влева само дополнителен страв кај граѓаните, кои своите скромни заштеди се почесто ги трошат во скапото приватно здравство.
Очигледно е дека се работи за СИСТЕМСКИ пропуст, каде се изиграни и заобиколени низа институции – како Медицинскиот факултет, Министерството за здравство, Лекарската Комора и на крај Фондот за здравство, со што се потврдува тоталната девастираност на јавните институции. Ваквиот случај на лекар без завршен факултет е втор во низа, откако јавноста дозна за “докторка” од Гевгелија, која без завршен факултет, успеала да се вработи како доктор, па дури и да добие државна специјализација за анестезиологија и интензивно лекување!
За жал, од владејачката коалиција нема никакви најави за суштински реформи во јавното здравство и се уште клиниките служат само за делење на директорските позиции внатре во коалицијата. Дури и најбенигни реформи, како електронски увид на Фондот за здравство во архивата на Лекарската, Стоматолошката и Фармацевската комора, ќе ги спречеле ваквите лажни лекари, во чие раце бил ставен животот и здравјето на граѓаните. Министерот Таравари не само што не ги коментира ваквите скандали, туку од него нема ниту најава за радикални промени во системот на јавно здравство, како најчувствителен ресор во кој не смее да има простор за институционална грешка.