Кирил Тодороски – Македонскиот научник кој го освојува светот на науката и иновациите во Русија
Во светот на науката и истражувањето, само најпосветените успеваат да се издигнат и да остават траен белег. Кирил Тодороски, млад доктор на биолошки науки, научник од Прилеп, еден од најперспективните истражувачи во Русија, е токму таков пример. Со девет патенти, од кои на седум тој е главен автор во областа на ветеринарната медицина и физиологијата, и бројни научни трудови зад себе, тој е доцент, помлад научен соработник и заменик директор за меѓународни односи во Московскиот градски педагошки универзитет. Во интервјуто, Кирил зборува за својот пат до успехот, предизвиците во новата средина и неговата визија за иднината на науката.
Антропол: Кои беа вашите први импресии кога пристигнавте во Русија? Дали ви помогнаа да се адаптирате во нова средина и култура?
К.Т: Кога пристигнав во Русија, имав само 18 години. По насока на Министерството за наука и образование на Руската Федерација, учев руски јазик во Воронежскиот државен универзитет на Институтот за меѓународно образование. Мојот другар Димитар Пивковски, кој дојде да учи со мене, имаше познаник Стефан Карески (двајцата се од Прилеп), кој веќе студираше во Воронеж и многу ни помогна. На почетокот беше прилично страшно, но со текот на времето се навикнав. Животот во студентскиот дом беше многу интересен — различни народи, кујни и култури. На секој универзитет постојат програми за адаптација, а јас се занимавав со вокал и настапував на концерти и градски настани, пеев и на македонски, песни на Тоше Проески. Во Русија младинската политика е многу развиена, со многу организации кои помагаат на странските студенти. Една од нив беше Лигата на студенти, каде што бев раководител на странските студенти во Република Татарстан.
Антропол: Како се одвиваше процесот на создавање на вашите седум патенти, и дали постои специфичен момент или идеја што го поттикна вашиот труд?
К.Т: Всушност, патентите се девет, но јас сум главен автор на седум од нив. За време на докторските студии спроведував истражувања за дисертацијата, а резултатите беа толку неочекувани што мојата научна раководителка беше воодушевена. Такви истражувања претходно не биле спроведени, и решивме да ги патентираме базите на податоци од нашите истражувања.
Антропол: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувавте додека напредувавте во науката, и што беше клучно за вашиот успех во истражувањата?
К.Т: На почетокот, предизвик ми беше да напишам обична статија. Со текот на времето, почнаа експериментите, истражувањата, и конечниот резултат беше мојата дисертација, која успешно ја одбранив на 27 декември 2023 година. Сметам дека успехот е неизбежен кога си поставуваме јасна цел и планираме како да ја постигнеме.
Антропол: Каква е вашата визија за иднината на науката во вашата област, и како гледате на можностите за соработка меѓу Македонија и Русија?
К.Т: Моментално сум доцент и научен соработник во Московскиот градски педагошки универзитет и планирам уште една дисертација за звање професор. Сакам да реализирам успешни научни проекти со други земји, па и со Македонија. Започна и приемот на пријави за стипендија од Владата на Руската Федерација за учебната година 2025/2026; подготвен сум да им помогнам на македонските средношколци кои сакаат да се запишат и добијат целосна стипендија.
Антропол: Дали во некој момент од кариерата можеби почувствувавте дека се остварувате како вистински амбасадор на Прилеп и Македонија?
К.Т: Да, размислував за тоа да станам амбасадор на Македонија во Русија. Доколку властите на Република Македонија се заинтересирани за такви млади специалисти како мене, спремен сум да водам преговори и за нова работна функција.
Антропол: Како ви влијаеше на личен план титулата „Студент на годината во Русија“ во 2017 година? Кои цели си ги поставивте по тој успех?
К.Т: За мене тоа беше најголемото достигнување во студентските години. Оваа титула беше признание за сите мои успеси не само во науката. Мојата цел е да не застанувам на постигнатото и постојано да се развивам.
Антропол: Ви фали ли Македонија?
К.Т: Понекогаш ми недостасуваат роднините и пријателите, но веќе 10 години живеам во Русија и целосно сум се навикнал. Благодарение на Бога, секогаш имам можност да се вратам во Македонија и да ги видам семејството и пријателите.