„Културен масакр“ во Министерството за култура

Поплавени икони и други културни богатства, исчезнати уметнички дела и икони, сомнителни финансиски извештаи, исчезната проектна документација, книги кои скапуваат во подрум, различни аршини за исплаќање на државна награда за уметници од културата и уште ред други неправилности се констатирани во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија што беше објавен деновиве.

Во Министерство за култура според извештајот на ДЗР има материјал за роман којшто продолжувал со години со цел да се злоупотребуваат народни пари, да се испумпуваат средства од фондови, да исчезнуваат уметнички дела, слики и икони, за „како и до сега“ да се префрла одговорност од никого на никого.

Со извршената ревизија за 2023 година изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислења, усогласеноста со законската регулатива, упаства и воспоставените политики. Изразено е мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива. 

Ревизорите утврдиле дека за минатата година Министерството исплатило пет милиони евра за различни проекти во културата без јасно дефинирани критериуми. „Констатирано е дека не постојат јасни квалификации за членови на комисиите, приоритетите во конкурсите често се општи и не се темелат на долгорочни политики, а критериумите за оценка на проектите не се строго дефинирани, што создава простор за субјективизам, некомпетентно именување на членови и неправилно категоризирање на проектите“, стои во извештајот на ДЗР.

Понатаму во Министерството за култура недостасуваат голем број на уметнички слики, исчезнати се 81 икона, а останатите икони биле несоодветно чувани, во просторија која била поплавена, заради што иконите биле уништени.

Ревизорите исто така утврдиле дека недостасува евидентирана вреддност на најмалку девет проектни документации, изработени во периодот од 2012 до 2023 година, за изградби и реконструкции на повеќе капитални проекти според склучени договори од страна на Министерството за култура.

Фрапантно е тоа што според извештајот на ДЗР од 2021 година во Министерство за култура нема одговорен вработен во секторот на внатрешна ревизија, затоа што единствениот  одговорен на секторот заминал во пензија и оттогаш не е објавен оглас за вработување. Местото е празно а внатрешна ревизија воопшто не е направена ниту во Министерството за култура, ниту во ниедна од 72 Национални установи.

Ревизорите откриваат и дека на пензионирани носители на државни награди од областа на културата и уметноста не им биле исплаќани исти суми, односно едни добивале повисока сума од околу 500 евра за разлика од другите. На пет носители на титулата Национален уметник (која од 2018 година е укината) во 2023  им се исплаќале по две бруто плати, наместо нето – заради непрецизен закон, заради кое што се појавиле разлики од исплатени 1.904.000 денари повеќе средства од буџетот за 2023 година.

За целиов „хармоничен хаос” на дел од вработените во Министерство за култура, како членови на работни групи основани за изработка на анализи за прашања од нивна надлежност, од април 2023, на месечна основа, им биле исплаќани надоместоци во висина од 30% од последно исплатена нето плата во вкупен  износ од 7.102 илјади денари, кои што законски можат да се исплаќаат и се однесуваат само за ангажирање на надворешни лица од страна на Министерство за култура, но не и за вработените во Министерство за култура чија што работа е токму тоа!

Ако постоењето на институцијата Министерство за култура е да задржува и вработува некомпетентни луѓе што би прикривале криминал со ненавремено реагирање се поставува прашање зошто како институција таква каква што е воопшто постои. И овој ревизорски извештај го потврдува она што се случува 30 години наназад. Се вработуваат партиски кадри, средствата за култура се делат по партиски, роднински или пријателски клуч а културата во Македонија тапка во место. 

Левица смета дека патот по кој се движи Министерството за култура е погрешен. Треба да се направи сосема нов модел на културно делување кое на граѓаните ќе им нуди дистрибуција на знаење и критичко размислување, нов транспарентен начин на распределба на средствата и поставување на соодветни кадри, кои суштински го разбираат еманципаторскиот карактер на културата, на раководни позиции како во Министерството така и во институциите од културата.

На крај кога ќе се прашате зошто ни е националната култура на ова „завидно ниво”, одговорот е: Рибата смрди од главата, и плива во матна и загадена вода!!!