АктуелноИнтернационално

Иран со предупредување до Израел: Одговорот на евентуалниот напад ќе биде многу болен

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во телефонски разговор со неговиот француски колега Жан-Ноел Баро предупреди на последиците од „секој нов авантуризам на израелскиот режим против регионот на Западна Азија“.

„Неопходно е да се прекинат нападите на режимот во Тел Авив врз Либан“, рече Аракчи и повика на отстранување на пречките наметнати од Израел и испорака на меѓународна хуманитарна помош за бегалците во Либан и во Појасот Газа, пренесува ИРНА.

Тој укажа на тешката состојба на раселените лица во областите погодени од војната.

Аракчи ги предупреди европските претставници и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш дека Иран е подготвен одлучно да возврати доколку Израел ја нападне таа земја.

„Иако Иран прави сеопфатни напори за заштита на мирот и безбедноста во регионот, тој е целосно подготвен за решителен и болен одговор на какви било израелски авантури“, соопшти денеска кабинетот на иранскиот министер за надворешни работи.