Левица: Увезена храна со сомнително потекло и поминат рок се продава во маркетите ширум Македонија

Група на легални увозници на храна, во писмо испратено до Агенцијата за храна и ветеринарство, соопштија дека постои нелегален увоз на храна со сомнително потекло, без сертификати од производител, без декларации и со поминат рок, што се брише од етикетите и се штампа нов рок на траење.

Согласно изложеното, се отвора сомнеж дека станува збор за храна од ЕУ земјите, која не може да се продаде и на која и истекува рокот на траење. За да не се уништува таму, процес кој чини многу пари, истата се извезува во трети земји, меѓу кои е и Македонија. Според нив, оваа храна се продава на нашиот пазар по поевтина цена.

Храната со сомнително потекло се овозможува да влезе на нашиот пазар поради бизнис интересот на увозниците на неисправна храна. Со тоа се загрозува здравјето на граѓаните, а воедно претставува и нелојална конкуренција на домашното производство на храна и на трговците кои легално увезуваат и ги плаќаат сите давачки кон државата.

Левица ги повикува одговорните институции како Агенцијата за храна и ветеринарство, Царина, Државниот пазарен инспекторат, да стават крај на овој нелегален бизнис. Неопходно е да се утврди дали на нашиот пазар се увезува храна со сомнително потекло која може да биде опасна по здравјето на граѓаните. Истовремено, потребно е да се утврди дали ваква храна може да се купи на полиците во маркетите, да се забрани нејзината продажба и целата фалсификувана храна да биде уништена, се вели во соопштението на партијата.

Доколку се утврдат неправилности, надлежните институции и нивните раководители мораат да поднесат одговорност, побараа на крајот од партијата.