Промоција на списанието „ Филозофска трибина“ во КИЦ

На 16.10 (среда) со почеток во 19:00 часот во Културно информативниот центар – Скопје, Салон – Империјал 2 со поддршка на Град Скопје ќе се одржи промоција на списанието „ Филозофска трибина“. Промотор на настанот ќе биде докторанд Душица Димитровска.

„Филозофска трибина“ е првото македонско стручно списание од областа на општествените науки. Првиот негов број излегува во далечната 1978 година и во него свои статии и научни трудови објавуваат значајни теоретичари и интелектуалци од областа на општествените науки.

Во „Филозофска трибина“ се објавуваат филозофски релевантни текстови од најширокиот дијапазон на филозофски дисциплини (историја на филозофија, метафизика, епистемологија, логика, етика, антропологија, филозофија на политиката и правото, естетика, филозофија на митологијата, методика на наставата по филозофија…) Статиите во списанието се поделени во неколку Рубрики (АВТОРСКИ ТЕКСТОВИ, ТЕМАТ, ПРЕВОДИ, СТУДЕНТСКИ ФОРУМ, СРЕДНОШКОЛСКИ ФОРУМ, РЕЗИМЕА, ПРИКАЗИ, БИБЛИОГРАФИИ, ФИЛОЗОФСКА ТЕРМИНОЛОГИЈА и ФИЛОЗОФСКИ ЖИВОТ).

Списанието излегува два пати годишно

За бројот: Во „Филозофска трибина 34“ се поместени шест авторски текстови (од: Мирко Ѓошевски, Трајче Стојанов, Марија Тодоровска, Александар Стаматов, Пантелеј Кондратјук и Бошко Караџов). Списанието содржи и два преводи на текстови (од Еуген Финк и Стивен Фридман, во превод на Трајче Серафимовски и Ана Димишковска). Во рубриката Студентски форум има три текстови (од: Сара Котеска, Андреј Лазаревски и Илија Вељаноски). Рубриката Прикази содржи еден прилог од Ана Димишковска. Последната рубрика Филозофски живот ги содржи стандардните прилози (прегледите на филозофските настани и на новообјавените наслови со филозофско педигре), како и Осврт кон 13. Филозофски филмски фестивал сочинет од Марија Велинова.
Излегувањето на „Филозофска трибина“ е поддржано од страна на Министерството за култура.

Целокупната содржина на бројот е достапна на следниот линк од веб-страницата на Филзофското друштво на Македонија: https://fdm.mk/filozofska-tribina-br-34/