Став

Скандалозниот договор со Бехтел и Енка и потчинетата позиција на Македонија

 Колумна на Анета Манчевска, секторски секретар на Политички сектор Финансии при ПП Левица.

Најавата на Владата за силна градежна офанзива, модерна, квалитетна и безбедна патна инфраструктира и по година и половина станува само уште едно лажно ветување. ВМРО ДПМНЕ како опозиција го критикуваше овој проект како еден од најголемите коруптивни договори во историјата на државата и најавија стопирање и објавување на скандалозниот договор во јавноста.  Но не само тоа што не се случи туку до сега не е покрената одговорност ниту за политичарите кои го потпишаа договорот и ја ставија Македонија во потчинета позиција ниту за фирмите кои скандалозно беа избрани за вршење на надзор.

Во месец март 2023 година беше потпишан договорот за изградба на Коридорите 8 и на 10д, со кој се договори изградба на четири патни правци, и тоа: автопатот Тетово – Гостивар – Букојчани, Требениште–Струга–Ќафасан, кои се дел од Коридорот 8 и Автопатот Прилеп–Битола, како дел од Коридорот 10. Договорот ветува во Република Македонија наредниве пет години изградба на 108,8 километри автопатишта или годишно да се градат просечно по 25 километри автопат од кои што до сега не е изградено ниту метар автопат.

Вредноста на проектот е неверојатни 1.3 милијарди евра и за да се заврши изградбата во најкраток можен рок се сменија низа закони со кои треба да им ја олесни работата на изведувачите. Со измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10д во Република Македонија, се пропишаа даночни ослободувања и олеснувања врзани за реализација на овој Проект. Во месец мај 2023 година стапија во сила измените и дополнувањата на Закон во кој  се уредуваат деталите во врска со планирањето, проектирањето, изградбата и употребата на дел од Коридорот  8 и на Коридорот 10д, како проекти од национален интерес.  Инвеститор на овие проекти е „Јавното  претпријатие за Државни патишта“, кое користи финансиски ресурси од Буџетот на РМ преку Министерството за Транспорт и врски, а стратешки партнер за реализација на истите е американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Кои даночни олеснувања се уредени со законот и кој ги користи?

Во законот прецизно  се  уредени  даночните  ослободувања  и  олеснувања  врзани  за реализацијата на овој стратешки Проект, од аспект на данокот на додадена вредност, царината и акцизата. 

ДДВ ослободувања.

-Прометот  на  добра  и/или  услуги  извршен кон Инвеститорот (ЈПДП) од  страна  на Стратешкиот партнер (Бехтел и Енка), за кој Инвеститорот е даночен должник во согласност  со  членот  32  точка  4  од  Законот за ДДВ, истиот е ослободен  од  обврската  да  пресмета  и  плати  данок на додадена вредност.

-За Прометот на добра и услуги кој е извршен  кон Стратешкиот партнер (Бехтел и Енка), наменет за изградбата на Коридор 8 и Коридор 10д за кој Стратешкиот  партнер е даночен должник во согласност  со членот 32 точка 4 од Законот за ДДВ, истиот е ослободен  од обврската за ДДВ со право на одбивка на претходен данок.

Царински олеснувања и акцизи.

-За  прометот  на  енергенти  извршен  кон  Стратешкиот  партнер наменети  за изградбата на Коридор 8 и Коридор 10д, Стратешкиот партнер има право на враќање на износот на платената акциза на енергентите.

-Увозот на добра/стоки извршен од страна на Стратешкиот партнер (Бехтел и Енка), е ослободен од ДДВ, увозни давачки, акциза на енергенти и данок на моторни возила за времетраењето на Проектот.

Домашните фирми кои ќе работат со Стратешкиот партнер нема да плаќаат данок, а ќе го користат истиот за да плаќаат помалку ДДВ спрема државата. Јавноста знае дека оваа привилегија ја добиваат само фирми кои се блиски до Власта. Со години наназад, за сите стратешки големи проекти, парите се делат на „одбрани“ фирми од кои се „раѓаат“ новопечени богати политичари и бизнисмени. Парите потрошени, а реализација на проекти (изградени патишта, мостови) НЕМА.

Користењето на сите овие привилегии ги исклучуваат можните „добиени“ пари во државна каса од направениот огромен промет каде разликата за неплатените даноци завршува во нечиј џеб на некој функционер. Зошто овие даноци да не ја полнат државната каса?

Од друга страна, пак, малите и средните стопанственици кое редовно ја полнат државната каса без вакви даночни привилегии е под постојан надзор и редовна даночна контрола од Надлежните органи.

Вака ли ќе градиме стратешки проекти?

Не беа доволни каматите и пеналите кои ги плативме за претходниот склучен договор за изградба на овие Коридори, сега целокупниот промет за изградба на патиштата е ослободен од данок.

Левица ја следи реализацијата на овој стратешки проект и за досега залудно потрошените пари бараме одговорност од државните власти.

Исто така, загрижени сме за идните пенали (пари) кои ќе треба да ги плаќа народот и затоа итно бараме јавноста да биде запознаена со извештаи и детални информации за  реализацијата и текот на трошењето на народните пари.