Кина лансираше интерконтинентална балистичка ракета во Пацификот

Пекинг соопшти дека „рутинскиот“ тест, прв од ваков вид од 1980 година, не бил насочен против ниту една земја.

Кинеската војска тестираше интерконтинентална балистичка ракета, нарекувајќи ја дел од редовна обука, иако се чини дека вежбата е прва од ваков вид над Тихиот Океан во повеќе од 40 години.

Според официјални лица, „ICBM“, опремена со лажна боева глава, била лансирана од непозната локација во 8:44 часот по пекиншко време во средата, и паднала во област во меѓународните води на Пацификот.

Тестот беше дел од „рутинскиот аранжман во нашиот годишен план за обука“, соопшти Министерството за одбрана.

Аналитичарите велат дека „ICBM“-от најверојатно бил Донг Фенг-41 со оперативен домет од 15.000 километри, или неговиот претходник, Донг Фенг-31.

Кина редовно тестира ракети со краток и среден дострел на нејзината територија и над западниот Пацифик како дел од нејзината програма за балистички ракети, но тестот далеку во меѓународните води е невообичаен. Се веруваше дека последното слично лансирање е во 1980 година кога Кина го испрати својот прв „ICBM“, Донг Фенг-5, во Тихиот Океан.

„Кога тие не направиле нешто 44 години, а потоа го прават тоа, тоа е значајно“, изјави Џејмс Актон, ко-директор на Програмата за нуклеарна политика, за Асошиетед прес. „Тоа е начин на Кина да ни каже: „Како вие, ние не се срамиме што имаме нуклеарно оружје и ќе се однесуваме како голема нуклеарна сила“.

Тестот беше следен од неколку земји, вклучувајќи ги Јапонија и Филипините. Портпаролот на јапонската влада, Јошимаса Хајаши, се пожали дека Токио не бил информиран пред лансирањето.

Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека тестот не бил насочен кон ниту една конкретна земја или цел, и дека бил спроведен во согласност со меѓународното право. Пекинг, исто така, претходно известил неколку „загрижени“ земји, објави Ксинхуа, без да прецизира кои од нив.