Кинескиот претседател и Саудискиот крал потпишаа договор за стратешко партнерство – извештај
Кралот на Саудиска Арабија Салман бин Абдулазиз Ал Сауд и кинескиот претседател Си Џипинг во четвртокот потпишаа сеопфатен договор за стратешко партнерство и план за хармонизација помеѓу долгорочните програми на двете држави: програмата Саудиска визија 2030 и Кинеската иницијатива „Појас и пат“, објави телевизискиот канал Ал Арабија.
Според извештајот, саудискиот крај го примил кинескиот лидер во присуство на престолонаследникот Мохамед бин Салман Ал Сауд. На средбата беа потпишани и меморандуми за соработка во некои области вклучително и во полето на водородната енергија, олеснувањето на директните инвестиции, соработка во областа на изучувањето на кинескиот јазик, како и во областа на правосудството.
Си Џипинг беше награден со почесен докторат од Универзитетот Крал Сауд, основан во Ријад во 1957 година.
Кинескиот претседател пристигна во главниот град на Саудиска Арабија во средата. Се очекува тој да разговара со лидерите на Советот за Соработка за Арапските Држави од земјите – членки на Персискиот залив и да учествува на самитот на Кинеско – Арапските Држави за време на посетата што ќе трае до 9 декември. Според информациите кои се достапни, 30 лидери на Арапските земји и организации се поканети на престојните состаноци во Ријад.