АктуелноЛокално

80 годишнина од балистичкиот масакр во Беличица: Жени и деца биле живи палени

На денешен ден, 19 септември 1944 година во селото Беличица Балистите го извршија еден од најкрвавите масакри.

Балистите предводени од Аќиф Речани пред точно 80 години со преку 300 вооружени балисти, непланирано и без најава го нападнале селото.

„Откако го совладале отпорот на партизаните, балистите влегле во селото и прво почнале да се изживуваат врз телата на убиените партизани, а потоа следувала планираната одмазда врз селаните. Биле убиени 17 жени, деца и старци, кои потоа биле фрлани во оганот на нивните запалени куќи. Најстарата старица која ја убиле балистите, додека лежела во својот кревет веќе подолго време поради тешка болест, Лиска Јовановска, имала 88 години, а најмладиот жител, Нада Брајковска, била девојче со само 12 години. Некои од жртвите биле и живи фрлани во оган, како 61-годишната старица Соломија Јовановска.“ пишува Нешо Маркоски во „Беличица во пламен“.

„Потоа се нафрлиле врз селаните: биле убиени 17 жени, деца и старци. Најмладата жртва, Нада Брајковска, имала само 12 години, а најстарата Лиска Јовановска имала 88. Од 42 куќи биле запалени 37. Партизанот Саво Тасески и старицата Соломија Јовановска биле живи фрлени во оган.“

Во борбите и масакрот во Беличица загинале вкупно 38 партизани и селани. Жртви имало и кај балистите. Кај зградата на училиштето била разбиена и една група балисти со голем број на убиени, но нивниот број е непознат.

Во овој масакр загинале и народните херои Тодор Циповски – Мерџан и Ѓоце Стојчевски – Амбарче.