Во 74 кинески градови загадувањето намалено за 33% во просек

Нова научна студија покажа дека годишното ниво на смртност од загадување на воздухот во Кина го достигнало својот врв во 2013 година, a сега е под нивото од 1990 година. Координирана акција спроведена од страна на централните и локалните власи успеала да го намали загадувањето во 74 клучни кинески градови во просек за 33% помеѓу 2013 и 2017 година.

Исчистени биле индустријата и сообраќајот, а голема улога одиграло и справувањето со горивата што се користат дома. Во 2005 година, 61% од кинеските домови готвеле користејќи јаглен или дрво. Ова се намали на 32% во 2017 година. Околу Пекинг греењето на јаглен било забрането и заменето со фосилен (природен) гас, а чистата енергија била промовирана ширум целата земја.

Претходно неделава, во обраќање пред Генералното собрание на ООН, претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, најави дека земјата до 2060 година ќе има нула јаглеродни емисии, а врвот на емисиите со јаглерод ќе се достигне до 2030.

“Кина ќе ги зголеми своите национални придонеси во согласност со Парискиот договор за климата, со тоа што ќе усвои поинтензивни политики и мерки”. Воедно, Си Џинпинг ги повика и останатите земји да спроведат т.н “зелено (еколошко) закрепнување на светската економија во ерата после Ковид”.