Палеонтолошкиот локалитет ,,Змијовец” е прогласен за природна реткост
Палеонтолошкит локалитет „Змијовец” во неготинско е прогласен за природна реткост, информираа попладнево од Министерството за животна средина и просторно планирање на нивната Фејсбук страница. Оттаму појаснија дека прогласувањето е со решение објавено во Службен весник на РМ.
Палеонтолошкиот локалитет ,,Змијовец” се наоѓа на подрачјето на општина Неготино, а оваа категоризација ја има добиено заради уникатната фосилна фауна што се наоѓа во околината на селото Долни Дисан, Неготино. Дел од видовите кои се пронајдени на овој локалитет се уникатни и не се пронајдени на ниту еден од останатите палеонтолошки локалитети во нашата држава. Фосилните фрагменти од локалитетот „Змијовец“ се пронајдени во жолто – кафеавите седиментни глинести и песочни слоеви и потекнуваат од доцен миоцен. Во систематски поглед сите пронајдени видови, кои на локалитетот „Змијовец” засега се претставени со 6 редови, 13 фамилии и 19 таксони, припаѓаат на класата плацентални цицачи (Mammalia, Placentalia), појаснија од Министерството.