АктуелноЛокално

Вработените во кумановска детска градинка најавија протест – Не добиле плата

И покрај напорите не успеавме да добиеме објаснување од раководството на установата, ниту од Општина Куманово во што е проблемот. Неофицијално, проблемот е на релација Општина Куманово и Министерството за финансии, поради нови вработувања и нивното плаќање. 

За моменталната состојба известени се Владата, Министерството за социјални политики, демографија и млади, Синдикатот за образование, наука и култура, како и кабинетот на градоначалникот на Куманово.

„Известени се сите релевантни институции и на локално и на национално ниво. Како вработени, кои си ја заработиле својата плата, не сакаме да бидеме вовлечени во политички препукувања, нас само не интересира да бидеме исплатени за тоа што го сработевме. За вечерва имаме закажно состанок со нашето членство, кога ќе ги дефинираме понатамошните чекори и насоките на кои ќе се концентрираме за остварување на своите права“, изјави Цветанка Митевска, претседателка на регионалниот одбор на СОНК.

Претседателот Јаким Неделков денес на социјалните мрежи најави дека протест ќе биде започнат во понеделник.

Заради неисплатена јунска плата и незаинтересираност на институциите надлежни за проблемот, вработените во градинката донесоа едногласна Одлука, од понеделник својот револт и незадоволство да го изразат преку јавни протести – oбјави Неделков на социјалните мрежи.

Законска обврска на сите правни субјекти во државата е исплата на палите на вработените да се врши најдоцна до 15-ти во месецот.

„Сите ние, и воспитувачките и негувателките и помошниот-технички персонал, сме навистина благодарни што имаме можност и доверба да се грижиме за дечињата, искрено си ја сакаме работата, ама заслужуваме да добиеме плата на време. Не посакуваме, но ако не се најде решение и штарјкот како крајна мерка не е исклучен“, потенцира Митевска.

Без плата се 232 вработени, меѓу кои и самохрани родители, брачни парови или болни лица кои ќе изгубат и здравствено осигурување доколку проблемот не биде решен пред викендот.