Игор Радев: Да се биде „она на М“

Иронично е тврдењето што ни се дава во својство на анестезија дека со постојниот „француски предлог“ допрва се „гарантирал“ македонскиот јазик. Еден јазик по природа не е предмет на надворешни „гаранции“, туку на суверената волја на неговите говорители да го користат, кодифицираат и именуваат како што сакаат, вели во изјавата за МКД.мк Игор Радев, лингвист и синолог, доктор по кинеска филологија.

Тој потсетува дека македонскиот литературен јазик според таа суверена волја е официјален јазик на нашата држава од 2 август 1944, а од 1977 прифатен е во официјална употреба и од страна на ОН.

„Толку! Исказите за некакви дополнителни „гаранции“ се само пословичното ‘ишкање на мувата од капата’, кои укажуваат на спротивното – дека веројатно некој е со намера да го проблематизира јазикот… а, се прашувам, со тоа и сувереноста на државата, нели?

Депресивно делува таа, како да ја наречеме, ‘енергија на самоизмама’, небаре уживаме во тоа да бидеме лажени. Сè еdéjà vu на ситуацијата од пред три-четири години. Еве ги повторно ‘евро-емисарите’ сјатени врз нас, исти им се и изјавите, коишто се сведуваат на три тврдења: 1) ‘морате да прифатите заради ЕУ’; 2) ‘ова е последното нешто што се бара од вас’, и 3) ‘сега или никогаш…’ Па, ако Преспанскиот договор беше ‘последната и најголема жртва’ што наводно ни ги отвораше портите во ЕУ, од каде сега испадна овој уште ‘попоследен’ предлог што бара од нас уште ‘понајголема’ жртва? Здравата логика изнудува од нас да заклучиме дека сите оние шефови на евро-држави тогаш просто нè лажеле, така? 

Доколку, пак, тие лажеле, врз основа на што да им веруваме на овие сегашниве убедувачи, кои патем се со понизок ранг и во најдобар случај претставуваат бирократски медиокритети, а коишто ние со својствената ни сервилност ги третираме како полубогови само затоа што имињата во оригинал им се пишуваат на латиница? Токму ова мора да им се каже в лице, а за да се стори тоа не е битно што некој има ‘меѓу нозете’, со кое се занимава еден наш актуелен политички деец, туку треба за промена да се биде ‘она на М’, како што беа тие, кои на 11 октомври 1941, и на Хитлер и на Мусолини им кажаа ‘Nein!’ и ‘No!’. Притоа, да го оставиме настрана заканувачкиот тон, во стилот – ‘ви нудиме предлог што не можете да го одбиете’, кој, простете, му прилега повеќе на еден Дон Корлеоне… Јас, во својата наивност, цело време мислев дека ние се стремиме да станеме дел од Европското семејство според визијата на Де Гол, а тоа после неговата смрт да ти се изродило постепено во фамилија од ‘сицилијански тип’.

Туристичките водичи пред прошетки по ориентални базари, каде има ценкање, обично ги советуваат посетителите никогаш да не покажуваат емоции во однос на тоа што сакаат да го купат, туку да се однесуваат сталожено и ноншалантно, зашто ако продавачот забележи дека нешто по секоја цена го сакате, ќе ве ‘одере’. Ние, пак, со сакрализацијата на поимот ‘ЕУ’, тоа дека Унијата е ‘все и всја’, ‘ѝ нема алтернатива’, постигнавме токму секој да нè ‘дере’ како ќе стигне, привлековме уценувачи небаре оси врз распорена лубеница. Во тој контекст, ‘францускиот’ (или чиј и да е) предлог, претставува само уште еден засек во ова ‘дерење’, а верувајте, ќе има уште. Од толку ‘експерти’ за европски и не знам какви прашања, чиј единствен одговор на секоја нова уцена е – ‘да се покориме уште попонизно’, за промена би можеле да го послушаме советот на оној арапски туристички водич… Имено, да ‘олабавиме’ малку од таа наша манијакална опсесија со ЕУ, да бидеме посталожени, па и ноншалантни ако треба, та надворешната политика од идолопоклонички култ, каква што ни е сега, да ја преобразиме во вештина на снаоѓање во светот врз основа на ‘трибуквениот’ принцип – РПБ: рационалност, прагматичност и балансирање. Во спротивно, мерни единици на нашиот живот ќе продолжат да бидат ‘датуми’ и ‘предлози’, од кои на речиси редовен интервал во годината ни подзастанува срцето…“, изјави Радев.    

Тој, пред две години, во интервјуто за МКД.мк, за македонскиот и бугарскиот јазик вели дека во светот не постојат јазик и народ што би биле сосема различни еден од друг. „Објективно македонскиот литературен јазик и бугарскиот литературен јазик се воопшто најблиски, на ист начин како што впрочем и германскиот и холандскиот се најблиски, или шведскиот и данскиот, бенгалскиот и асамскиот итн… Дури, на втора мисла, можеби и не соодветствува придавката „близок“ или „поблизок“ да се употребува како опис за односите меѓу јазиците, зашто таа алудира на меѓусебна просторна дистанца, небаре секој јазик е опкружен со вакуум, којшто во правец на еден јазик се протега на поголемо растојание, а во однос на друг на помало.

Всушност, најдобро е да го користиме зборот „преклопување“. Така македонскиот јазик има најмногу преклопување со бугарскиот, а потоа со српскохрватскиот, словенечкиот… и да не ги набројувам сите сè додека не стигнеме до некој од бушманските јазици (или, ајде да се изразам поправилно – којсанските јазици), и со којшто пак ќе имаме некое преклопување, без разлика колку и да е мало. Од оваа гледна точка, зарем нема да го сметаме тврдењето дека на Земјата кој и да е народ и јазик „немаат ништо заедничко меѓу себе“ за очигледна глупост? Така ли треба да си го доживуваме светот во којшто живееме? А како противотров за глупоста од овој вид тука можам да ги понудам стиховите на Кочо Рацин: „Куќа цел свет братски ми е, братски срце што отвора…“ Белким некому ќе помогнат“, изјави тогаш Радев.

  • Текстот е превземен од mkd.mk