Наместо да вложуваме во нови и современи библиотеки – ние не можеме да го одржиме тоа што го имаме!

  • Пишува: Снежана Стојчевска – Директор на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

Културата и образованието ни се насушно потребни за да изградиме генерации кои не само што ќе бидат гласноговорници за своите права, туку ќе бидат одговорни и за своите обврски, кои ќе бидат грижливи, хумани, креативни и продуктивни граѓани.

Пред два дена Советот на Град Скопје го изгласа ребалансот во кој се предвидени средства за режиски трошоци за ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, како и за останатите културни институции. Амандманот, поднесен од страна на советничката група на Левица во кој се бараа пари за програма и за ангажиран персонал – не беше изгласан, односно имаше само 5 гласа. Исто така, со 5 гласа не беше изгласан ни Извештајот за работа за 2023 година. Токму минатата 2023 година за нашата работа и нашето влијание врз културната и пошироката јавност бевме наградени со признанието Промотор на читачката кулутра од Македонската асоцијација на издавачи.

Со усвојување на ребалансот се надевавме дека ќе ги надминеме проблемите за подмирување на основните трошоци, но вчера повторно стигна нова опомена за исклучување од струја поради неплатени сметки за дистрибуција.

Досега три пати во период од две години Библиотеката беше исклучена од струја. ГБСК е јавна и непрофитна установа која средствата за режиските трошоци ги добива од буџетот на Град Скопје. Градот пак, тие средства ги добива од државата во голем дел и од даноците од граѓаните.

Оваа година средствата за режиските трошоци кои Градот ги предвиде, а советниците ги изгласале во буџет се 1.400.000 денари, колку што изнесува една сметка за парно во зимските месеци. Вкупниот буџет за оваа намена за сите осум културни установи во градот е 5.100.000 денари.

За непречено одвивање на работата на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, која има 18 објекти (4 централни и една подвижна библиотека) потребни се 10 милиони денари годишно!

На нашата институција, во основниот буџет за трошоци ѝ беа одобрени 1.4 милиони денари. Со ребалансот ни се одобрени 8.8 милиони денари.

За да биде ситуацијата уште посложена – средствата од ребалансот не може да ги добиеме веднаш, туку треба да чекаме да се запазат административните процедури, а тоа отприлика оди вака: На следната седница на Советот на Град Скопје треба да се изгласат измени на програмата, потоа треба да се потпише договор и да се прати барање за исплата на средствата. За да се одобрат и префрлат тие средстава потребни се отприлика уште два месеца. За тоа време притисоците од фирмите, чии должници сме, само се зголемуваат, што ќе доведе до исклучувања и блокирања на нашите сметки, плаќања камати и извршители!

Во првиот момент кога се усвои ребалансот почувствував олеснување и радост, за веќе во следниот момент да се пресечам и да помислам – за што се радувам?! За пари за струја и парно!!! Нешто што треба да биде нормално, кое се подразбира и за кое не треба ни да размислуваме. Наместо да се занимаваме со програма и со проекти, со иновативни решенија да привлечеме нови и нови читатели, ние сме доведени во ситуација да се радуваме ако имаме струја. Да не го споменувам стресот со кој живееме и секојдневните притисоци и закани од исклучување на струјата во сите наши објекти.  

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје е библиотечна мрежа, но и стожерна културна институција на главниот град. Следната година е големиот јубилеј – 80 години од основањето на ГБСК.

 Службите и Градот добро знаат колку средства се потребни за функционирање на една ваква сложена институција, а и ние редовно испраќаме предвидувања за секоја година. Логично би било дека врз основа на тоа да се направатви буџетот.  Верувам дека токму со добро планирање, не би биле ставени во ситуацијата во која сме сега. Треба да имаме обезбедени средства барем за половина година, па дури потоа, за втората половина во годината да се обезбдат средства од ребалансот. Ребалансот по дефиниција значи надополнување на непланираните трошоци, како што беше случајот со енергетксата криза и поскапувањата на струја. Средствата од ребалансот не смее да бидат за подмирување на редовните трошоци што се исти секоја година!

Целото непланирање и доцнењето сега ќе доведе до плаќање и на камати, што ќе значи нови и дополнителни трошоци за Градот. 

Мојот тим изминатите години посветено и напорно работи на една сериозна стратегија за активност и видливост на Библиотеката, за нејзиното отворање кон јавноста и кон авторите и нејзино позиционирање на мапата на културните случувања во Скопје. Успеавме да го привлечеме вниманието и на читателите, и на пошироката публика и на медиумите. Секое исклучување на струјата го подрива нашиот труд и посветените заложби и става негативно светло врз нашата институција.  

Потсетување – Градската библиотека е непрофитна институција, годишната чланарина за возрасни е симболични 300 денари или 0.82 ден дневно. Јасно е дека со овие симболични суми институцијата не може да направи приход со кој ќе ги опслужи и задоволи сите потреби на корисниците (главно студенти) и притоа да работи 24/7, без да биде соодветно субвенционирана од државата. Убаво е што сме единствената Библиотека со читална што работи 24/7, но токму затоа државата треба да одвои средстава за одржливост, односно планирани средства за сите потребни ресурси – финснсиски и кадровски (човечки).

И кога сме веќе кај човечките ресурси, морам да напоменам дека за четири години имаме 27 пензионирања и 0 вработувања. Со одењето во пензија на еден вработен не престанува и потребата за неговото работно место. Но изгледа на државата ѝ е скапо и ги укинува овие работните места, со што постепено, но сигурно атрофира мрежата од библиотеки низ цело Скопје, од Илинден до Радишани, од Драчево до Ѓорче.

Не можам да се помирам со тезата дека нема доволно пари за институции со 80 годишна традиција, бидејќи токму минатата година бевме сведоци на отворање на неколку нови културни инстиуции. Немам ништо против нивното отворање, да не бидам сфатена погрешно, но прво треба да се обезбедат основни услови за работа на постоечките, да се одржи бројот на вработени за нивно нормално и непречено функционирање, па дури потоа да се  планира отворање и одржливост и за новите.

Културата и образованието ни се насушно потребни за да изградиме генерации кои не само што ќе бидат гласноговорници за своите права, туку ќе бидат одговорни и за своите обврски, кои ќе бидат грижливи, хумани, креативни и продуктивни граѓани. Во време кога децата, па и возрасните, се сѐ повеќе зависни од мобилните телефони, кога има премногу дразби и информации, сѐ помала е концентрација да се слушне, прочита и раскаже еден текст. Тоа води и кон сѐ помала способноста за разбирање, разговарање, комуникација, дијалог и оспособување за живот. Во време кога, за жал, резултатите од тестирањата за функционалната писменост се поразителни, наместо да вложуваме во библиотеките и да градиме нови и современи простори, ние не можеме да го одржиме ни тоа што го имаме.