Виолета Аврамова: Моето искуство со Левица

Чувствувам голема потреба да напишам за сè она што го доживеав со Левица и со нејзиното раководство. Чинам, можеби така барем малку ќе им појаснам на сите членови и симпатизери на партијата какви луѓе се членовите на раководството на Левица, вели Виолета Аврамовска од Охрид.

Во продолжение ќе ви ја пренесеме нејзината објава во целост:

Првиот мој контакт со Левица беше кон крајот на 2019 година преку телевизискиот екран, кога за прв пат го слушнав другарот Димитар Апасиев.

Она што ме привлече во тој момент кон Левица беше мојата идеологија. Не кријам и со гордост истакнувам дека потекнувам од чесна комунистичка фамилија, припадници на тогашната средна класа.

Да бидам искрена дека дотогаш не знаев дека веќе 3 години постоела Левица како партија, од проста причина што политика не ме интересираше и единственото нешто што секоја вечер го размислував беше, како утре да обезбедам леб за моето дете. Не бев вработена иако самохрана мајка. Работев на дневница, ако успеев да најдам работа неколку дена во неделата. Единствено месечно примање ми беше семејната пензија, која во тоа време изнесуваше 7000 денари.

Привлечена од идеологијата на Левица, почнав да ја следам партиската страница на ФБ. Често пати коментирав дека одвај чекам да дојде некој претставник од партијата во Охрид за да се приклучам и јас. Се случи и првиот состанок со Јована Мојсоска. Ни беше кажано дека партијата не ни ветува ништо, дека ќе работиме волонтерски, дека единственото нешто што не’ чека е борба за поправеден систем и социјална правда.

Тоа и го сакав, мојата стихијна борба која како самохрана мајка ја водев со неправедниот и дискриминаторски систем да ја претворам во организирана борба, за мене и за сите како мене, маргинализирани, отфрлени, дискриминирани, борба за моето дете и за сите деца како моето.

Кога ќе ти се случи несреќа во животот ќе сфатиш дека немаш никого на светот. Немаш пријатели, немаш ни фамилија. Такви бевме и ние две со ќерка ми, сами, без никого на светот.

Уште од самиот почеток кога другарката Јована Мојсоска и другарот Димитар Апасиев разбраа дека сум самохрана мајка, јас за прв пат откако го загубив мојот сопруг, се почувствував заштитена од некого. Заштитена од Левица, а раководството на Левица и сите другари кои ги запознав таму, станаа моја фамилија.

Дојде времето на пандемијата и јас останав и без работата која ја работев на дневница. Се’ додека не најдов работа, Генералниот секретар на Левица, Јована, секој месец ми носеше дома пари со кои успевав да преживеам. Секогаш кога требаше да одам во Скопје на состанок, уште од самиот почеток, патот ми беше платен од партијата. Дури и откако влегов во Советот на Општина Охрид, кога ќе видеа средства уплатени од мене, ќе ми се јават од состанок на Президиум и другарот Димитар Апасиев ќе ми кажеше дека не сака да види моја уплата в партија.

Да, тие прекрасни луѓе станаа моја фамилија. Конечно после толку години јас и ќерка ми добивме фамилија, имавме некој кој сакаше да не’ заштити и секогаш да се грижи за нас две. Постојано Јована ми се јавуваше, често пати ќе ми се јавеше и другарот Реџеп Исмаил , нашиот другар Хактан, само да ме слушне, да поразговара со мене, да ми каже дека ако ми затреба нешто тие се тука за мене. И знам дека се тука, секогаш, еве веќе петта година, моите другари, мојата фамилија.

И другарите во ЛО Охрид ми станаа мои најблиски, најродени.

За крај, секогаш најмногу сакам да кажам дека Левица не е партија, Левица е фамилија. Не е тоа само фраза, тоа е мојата вистина за мојата фамилија