АктуелноИнтервју

Наши природни богатства – туѓ профит!

Интервју со Александар Манчевски, Магистер по технички науки и ВД Координатор на Сектор Енергетика при Левица

Антропол: Во моментов многу актуелна е темата за нови инвестиции во ветерни електрани на територијата на Република Македонија. Бидејќи нестручната јавност не ја разбира целосно проблематиката, можете ли да ни објасните што претставува ветерната енергија?

А.М: Ветерната енергија е форма на обновлива енергија која се добива од кинетичката енергија на ветерот. Таа се користи за производство на електрична енергија преку ветерни турбини. Ветерните турбини користат пропелери кои се вртат под дејство на ветерот со определена брзина. Оваа ротација го движи генераторот во турбината кој произведува електрична енергија. Ветерната енергија не испушта штетни гасови и не придонесува кон глобалното затоплување. Колку и да се користи, ветерот не може да се потроши. Ваквото производство на енергија помага во намалување на зависноста од традиционалните извори на енергија.
Негативно кај ваквото производството на енергија е тоа што тоа зависи од ветерот, кој не дува постојано. Исто така, ветерните фарми заземаат голем простор и можат да ја нарушат околната природа, како и да имаат негативно влијание врз птиците и другите диви животни кои имаат свои природни живеалишта во непосредна близина.
Ветерната енергија игра важна улога во глобалната транзиција кон одржливи извори на енергија и во намалувањето на емисиите на стакленички гасови.

Антропол: Дали во Македонија може да се произведува енергија од ветер?

А.М: Да. Според податоците собирани од Управата за хидрометеоролошки работи во последниве 50 години изработени се климатски карти кои покажуваат на кои локации во Македонија е најпогодно да се градат ветерни електрани. На сликата подолу се прикажани изотахи* на карактеристични вредности на брзината на ветерот на територијата на Република Македонија.

Со сина боја се обоени пределите во кои ветерот има најголема брзина и се најпогодни за реализација на вакви проекти. Покрај тоа, Паркот на ветерни електрани „Богданци“ во Богданци, изграден и стопанисуван од државната ЕСМ работи повеќе од 10 години и испорачува околу 100 GWh природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинствата на преку 60.000 граѓани.

(*Изотахи се линии кои поврзуваат места со исти карактеристични вредности на основната брзина на ветерот пресметани за повратен период од 50 години.)

Антропол: Зошто македонската експертска јавност е поделена по однос на најавата за новата инвестиција во ветерен парк?

А.М: Поделеноста ПРО и КОНТРА на македонската експертска јавност во однос на најавата за новата инвестиција во ветерен парк може да се анализира од економски, еколошки, технички и социјален аспект. Ќе се потрудам накусо да ги елаборирам клучните точки кои може да ја објаснат оваа поделба:

Овие различни гледишта и интереси придонесуваат кон комплексноста на дебатата и ја објаснуваат поделбата меѓу експертската јавност во Македонија по однос на новата инвестиција во ветерен парк.

Антропол: Кое е вашето мислење за најавената инвестиција на Ветерен парк помеѓу три општини – Штип, Карбинци и Радовиш?

А.М; Од информациите со кои располагам можам да заклучам дека нема ништо спорно во најавата за изградба на ветерниот парк од страна на „Алказар енерџи“ во Штипскиот регион. Спорно и проблематично е тоа што новата влада се фали со странска инвестиција од која граѓаните нема да имаат никаква придобивка, треба да се радуваме на туѓиот профит од нашите природни богатстава, во услови кога државата има застарени енергетските капацитети за базна енергија, има многу малку сопствени капацитети за производство на енергија од обновливи избори и има нејасна енергетска стратегија на долг рок. Не така одамна, минатата зима, претходната влада потроши енормно големи износи народни пари за увоз на електрична енергија поради непланирани испади од системот на термоцентралите. Сите тие мали и големи дефекти се резултат на долгогодишна негрижа и нередовно одржување на енергетските капацитети со кои расолага државата. Парите потроштени за увоз можеле да бидат превентивно вложени во ревитализација и рехабилитација на постоечките капацитети или во изградба на нови. Ама сепак изгледа послатки биле провизиите за скап увоз на струја.
Од друга страна новата влада и нејзините подржувачи ламентираат дека немало доволно пари во буџетот за да може државата сама да прави вакви инвестиции, па затоа локации со природни предиспозиции за користење на обновливи извори на енергија се даваат на странци. Велат дека буџетот бил искраден и дека ќе правеле ребаланс со приоритет на другите сектори девастирани од претходната влада. А каде беа 7 години додека се крадеше? Ако имаа чесни намери зошто чекаа толку долго? Но, тоа е друга тема за која ќе дискутираме во наредниот период.

Антропол: Како би постапиле вие во конкретната ситуација доколку странски инвеститор е заинтересиран за изградба на капацитет за прозводство на енергија?

А.М: Нашиот пристап за производство на енергија, како програмски сектор за енергетика на политичката партија Левица е заснован на принципите на заедничка сопственост и централно долгорочно планирање. Во ваков систем, производството и дистрибуцијата на енергија се контролираат од државата или заеднички органи на управување, со цел да се обезбеди еднаков пристап до енергетските ресурси за сите граѓани. Енергетските ресурси и инфраструктура (електрани, мрежи, рафинерии…) се во државна или заедничка сопственост, наместо во приватни раце. Приходите од производството на енергија задолжително се распределуваат за доброто на општеството. Производството, дистрибуцијата и потрошувачката на енергија мора да бидат регулирани и планирани од централната влада или локални плански комисии. Планирањето се базира на потребите на населението и економските цели на државата, со цел да се обезбеди стабилна и достапна енергија за сите. Во насока на овозможување на еднаквост и пристапност, целта е да се обезбеди правичен пристап до енергијата за сите граѓани, без разлика на нивниот економски и социјален статус. Цените на енергијата треба да се регулирани за да бидат достапни за сите.

Инвестициите во енергетскиот сектор треба да бидат насочени кон проекти кои го зголемуваат општественото добро, како што се обновливите извори на енергија (сончева, ветерна, хидроенергија…) и инфраструктура за подобра дистрибуција, проекти кои ќе го намалат влијанието врз животната средина и ќе ја зголемат енергетската ефикасност. Приоритет би се давал на проекти во кои интерес за учество би имале граѓаните.

И конечно, енергетскиот сектор мора да биде подложен на строга контрола и отчетност од страна на јавните органи кои го стопанисуваат. Транспарентноста во управувањето со енергетските ресурси е важна за да се обезбеди доверба меѓу населението и владата. Главната цел е добробитта на сите граѓани.