АктуелноИнтернационалноНастани

Вучиќ верува дека посетата на Си Џипинг на Србија е историска шанса за неговата земја

Претседателот на Кина Си Џинпинг е во дводневна официјална посета на Србија, на покана на претседателот Александар Вучиќ, со кого ќе разговара за унапредување на билатералните односи и соработката.

Си дојде во Белград на 25-годишнината од бомбардирањето на зградата на кинеската амбасада од страна на НАТО, во рамки на првата посета на Европа во последните пет години, за време на која престојува во уште две земји, Франција и Унгарија.

Се очекува Си и Вучиќ да разговараат за широк спектар теми, од политички, економски и технолошки, до соработката во областа на културата.

Портпаролот на министерството за надворешни работи на Кина Ли Џијан кажа минатата недела дека Си за време на посетата на Белград „детално ќе размени мислења со претседателот Вучиќ за односите на Кина и Србија и меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес“ и дека ќе се „зацрта курсот“ на идниот развој на билатералните односи.

Се очекува Си во Белград да отвори Кинески културен центар, изграден на местото на бомбардираната амбасада на Кина, во која на 7 мај 1999 беа убиени тројца кинески новинари.

Кинескиот претседател доаѓа во Белград околу шест месеци по посетата на Вучиќ на Пекинг, за време на која функционери на Кина и Србија, на меѓународниот форум Појас и пат, го потпишаа договорот за слободна трговија во присуство на двајцата лидери. Договорот за слободна трговија на Србија и Кина треба да стапи на сила во јули.

Пред втората официјална посета на Си на Србија за осум години, Вучиќ изјави дека Кина е „најдобриот партнер“ на Белград во остварувањето на државните цели, кажувајќи за кинескиот претседател дека е „најмоќниот човек во светот“.

„Пресреќен сум што претседателот Си доаѓа во Србија. Голема чест е за Србија и голема шанса за нас. Во следните пет години речиси сите производи слободно ќе се извезуваат во Кина. Тоа за нас се големи нешта. Ќе го замолам претседателот Си две или три нешта, да видиме дали можеме повторно да отвориме фабрики за локомотиви и возови, некоја кинеска компанија да инвестира во Србија“, кажа Вучиќ.