АктуелноЛокално

Објавен романот „Доставувачот на пораки“ од кинескиот писател Лиу Лиангченг

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Доставувачот на пораки“ од реномираниот кинески писател Лиу Лиангченг, во превод од кинески јазик на Кристина Стаменова.
Лиу Лиангченг се смета за влијателен автор во Кина, посебно во последните две децении, а во декември 2023 г. стана лауреат на највисоката книжевна награда во Кина „Мао Дун“ за најновиот роман „Бомба“, за кој „Македоника литера“ веќе ги има правата за превод на македонски јазик.

Романот „Доставувачот на пораки“ (2019) е егзотична, мистериозна и филозофска авантура на доставувач на пораки и магаре. Во него има многу фантастични елементи, и честопати се наведува читателот да се запраша каде е границата меѓу реалноста и заумноста, дали воопшто постои. Има и пасторални и филозофски елементи, а авторот го опишува односот меѓу луѓето и магарињата, односно најголемиот дел од приказната тече од магарешка, а помал дел од човечка перспектива. Заличува на надреална басна и по малку мистична, главните ликови се магариња, монаси, воини…, а дејството се случува во дамнешно неопределено време.

Преку ономатопејските звуци и метафори кои се застапени во романот, писателот како да ги поставува на исто рамниште природата и душата на сите живи и неживи суштества, земјата и рајот, реалното и нереалното. Овде дури и звукот добива своја форма за која луѓето не се свесни (можат да ја видат само магарињата). Како да не постои никаква разлика ниту меѓу човекот и животните, секој од нив во својот свет, со својот јазик. Во магичниот свет на Лиу Лиангченг лаежот на кучињата, магарешките рикови и песната на петлите имаат моќ да пренесуваат пораки од едно до друго растојание. Главните протагонисти, еден преведувач и едно магаре, исто така имаат задолжение да пренесат порака, патувајќи низ пустината, поминувајќи низ разни премрежиња и сведочејќи за војната меѓу две царства, кои војуваат толку одамна што веќе не се знае зошто почнале да војуваат.

Сместена во царствата Пиша и Хеиле, две завојувани земји без никаква официјална комуникација, оваа необична фантастична басна се фокусира на приказната меѓу Ку, гласник и познат преведувач кој течно зборува неколку јазици и магарето по име Шјие, за кое се вели дека е порака. Ку бил замолен да го предаде магарето во непријателската земја оддалечена илјадници милји, па така двајцата тргнуваат на патување. Заедно минуваат боишта и пустини, и стануваат сведоци на неверојатни случки за животот и смртта.

Фантастична, но и филозофска загатка, „Доставувачот на пораки“ е калеидоскопско патување до раскрсницата на војната, љубовта, верата и моќта. Лиу Лиангченг ја истакнува хармонијата меѓу човекот и природата во оваа чудна и сурова новела, држејќи се до својот писателски концепт „сè има дух“. Светот е полн со духови, но само магарињата можат да ги видат. Во меѓувреме, во човечкиот свет, војната и по сто години нема крај на повидок.

За овој роман нема позитивни реакции само од книжевната критика, туку и позитивни коментари од кинеските читатели, а особено е интересно прашањето за јазикот (главниот протагонист е преведувач/толкувач) и дали и колку можеме да ги искажеме нашите чувства докрај, користејќи го јазикот како алатка.

Лиу Лиангченг (1962) е роден во мало село на работ на пустината Гурбантонггут во Шјинџјианг. Работел како земјоделец, сточар (одгле¬дувал овци) и администратор за земјоделски машини повеќе од десет години. Во раните години, ја објавил стихозбирката „Сонце на жолтите песочни гребени“. По доаѓањето во Урумчи, активно се занимавал со прозно творештво, а автор е, меѓу другите, на прозните збирки „Дворот на ветрот“, „Селото со еден човек“ и „Куче за бесење“. Го напишал и романот „Празната земја“. Други негови попознати книги се: збирката раскази „Остаток“, романите „Доставувачот на пораки“, „Ровка земја“ и „Длабење“, збирките есеи „Животот под листот“ и „Во Шјинџјианг“. Позната е и книгата интервју со Лиу Лиангченг од Џим Велдон.
Објавена во 1998 година, книгата „Селото со еден човек“ го прославил и предизвикал жестока дискусија кај критиката. Оваа збирка есеи нема очигледна смисла за времето, но изразува искуство за „природен опстанок“. Неговите дела потоа биле препорачувани од познати писатели и критичари, и оттогаш, негови есеи и коментари се објавуваат во повеќе реномирани весници и периодични изданија.

Освен на наградата „Мао Дун“, добитник е на наградата за најдобра проза Лу Сјун за 2014 година за неговата есеистичка збирка „Во Шјинџјианг“. Ги добил и книжевната награда „Фенг Му“ во 2001 година за нова уметност и наградата „Баихуа“.