Анкета: Членството на Македонија во ЕУ нема да ја намали стапката на иселеност
Годинава е нотирано најниско ниво на поддршка за ЕУ во последните девет години, откако Институтот за демократија спроведува истражувања на оваа тема. Најпоразителни се податоците за младите.
Годинава се намалило мислењето дека соседите се главна пречка за членство во ЕУ, а расте бројот на оние кои сметаат дека вината треба да се бара на домашен терен, односно во неостварување на реформите.
Разочараноста на граѓаните од тоа што не се испорачани реформите е еден од клучните аспекти зошто е намалена поддршката за интеграциите.
Третина од испитаниците сметаат дека процесот на интеграција претставува усогласување на домашното со законодавството на Унијата, а 11 отсто мислат дека станува збор за задоволување на условите на соседите.
На прашањето зошто поддржуваат членство во Блокот, економските фактори доминираат, односно граѓаните очекуваат подобар стандард, помала невработеност, полесен пристап до работа во странство, додека унапредување на демократијата не е некој фактор. Висок е процентот, 90 отсто, на оние кои сметаат дека членството во ЕУ нема да го намали иселувањето на младите.
Истражувањето покажува дека паѓа бројката на оние кои сметаат дека државата би станала членка на ЕУ во следните три до пет години, што според авторите значи дека луѓето станале пореалистични во очекувањата. Сепак етничките Албанци се пооптимисти дека ЕУ ќе биде подготвена да ги прими земјите од Западен Балкан до 2030.