АктуелноИнтернационално

НР Кина прва во светот пушти во употреба нуклеарна централа од четврта генерација

Станува збор за реактор со гасно ладење со висока температура кој е вграден во нуклеарната централа Шидао Беј. После успешниот 168-часовен тест без престан, тој и официјално е пуштен во употреба.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија, овие иновативни реактори произведуваат до 70 пати повеќе енергија, ја зголемуваат одржливоста на нуклеарната енергија и помагаат да се намали обемот, токсичноста и животниот век на радиоактивниот отпад.

„Кина го достигна водечкото ниво во светот во истражувањето, развојот и примената на технологиите за нуклеарна енергија од четвртата генерација“, соопшти Националната енергетска администрација, додавајќи дека пуштањето во употреба на нуклеарната централа ќе помогне да се промовира безбедниот развој на нуклеарната енергија и да се подобрат кинеските научни и технолошки иновативни способности.

Главниот дизајнер на програмата за нуклеарна централа  Џанг Зуои, изјави за Ксинхуа дека „безбедноста“ е нејзината клучна карактеристика. Тој додаде дека дури и во случај на целосна загуба со капацитет за ладење, реакторот ќе може да одржи безбедносна состојба, без никаква интервенција.