АктуелноЛокално

Кои се одредбите во Деловникот кои ја укинуваат опозицијата

Во ваква држава, во вакво Собрание, страшно опасно е да нема филибастер, затоа што решавањето и спречувањето на штетните политики во Собранието, ќе мора да се пренесат на улица, истакна пратеникот на Левица, Борислав Крмов.

Новиот собраниски Деловник буквално ѝ ги врза рацете на опозицијата, па ако утре власта сака да протне нов штетен закон, никој нема да може ништо да стори за да го спречи неговото изгласување, бидејќи шверцот со европското знаменце вчера беше легализиран со 83 гласови „за“ и само 2 гласа „против“.

Ваков е ставот на Левица, откако вчера изби куршлус во Законодавниот дом кога двајцата пратеници на нивната партија – Борислав Крмов и Димитар Апасиев – се обидоа дури и насилно да го спречат изгласувањето на новиот Деловник кој го укинува филибастерингот како дел од механизмите за делување на опозицијата во Парламентот.

Новиот Деловник, кој сѐ уште не е објавен на сајтот на Собранието, предвидува неколку новини во работата на Законодавниот дом: ограничување на амандманската расправа на 5 дена во редовна постапка, на 3 дена во скратена постапка и на 2 дена со европско знаменце.

Исто така, предвидено е и ограничување на поставувањето на пратеничките прашања, а му ги зголемува ингеренциите на претседателот на Собранието, кој ќе може да ги преиспитува референдумските иницијативи, како и можност да не верифицира мандат на пратеник избран на избори.

Овој документ е резултат на петгодишни разговори со пратеничките групи во рамки на процесот „Жан Моне“, кој се одвива со посредство на европратеници.

Со новиот Деловник на Собранието буквално се легализира шверцот со европско знаме во иднина, обвинува Јована Мојсоска, членка на Президиумот на Левица.

– Антимакедонското трио ДПМНЕ-ДУИ-СДС заеднички гласаа „против“ предлогот на Левица да се тргне точката за Деловникот од дневен ред. Со ваквото гласање, овие три аждаи го укинуваат филибастерот и секоја опозиција во иднина ја сведува на фарса. Досега добивавме многу остри критики поради тоа што се носеа премногу закони во скратена постапка и со злоупотреба на европското знаме, а вчера 83 пратеници се согласија секој закон во иднина да се носи во скратена постапка, што е класичен шверц со европското знаме. Ова се прави само за да се заобиколи филибастерингот, а тоа значи дека не постои простор за неограничена дискусија, туку дебатата завршува по само неколку дена. Ако се сеќавате, кога СДСМ пред неколку години го блокираше Буџетот, тогашниот премиер Никола Груевски донесе Деловник со кој не може во иднина да се блокира и да се прави филибастеринг на Буџетот. Е сега, со изгласувањето на новиот Деловник, истото важи за секој нов закон. Во иднина, ако се појави некој штетен закон, опозицијата нема да може да го искористи тоа право што го користеше во минатото. А ние не блокираме било што и по секоја цена. Нашето право на филибастеринг го користевме во екстремни случаи како што беше законот за внесување графа за етничка припадност во личните карти. Тој закон и сега е ефективно блокиран, па дури и ЕУ реагираше дека тоа не е европска пракса. Значи, филибастеринг се користи во многу лимитирани случаи, а особено во земји како нашава, каде што власта нема никаков демократски капацитет, па со забраната на филибастерингот дополнително се лимитираат механизмите на опозицијата – објаснува Мојсоска.

Не знам колку јавноста е запознаена, ама укинувањето на филибастерингот беше по барање на ВМРО-ДПМНЕ, додава таа.

– Ако утре се појави нов штетен закон, опозицијата нема да може ништо да стори за да го спречи неговото изгласување. За три дена завршува расправата и крај на муабетот. Опозицијата не може ништо да стори. Укинувањето на филибастерингот беше по барање на ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа партија веројатно веќе се знае дека наскоро ќе биде на власт, па и самите тие не кријат дека сакаат да имаат што е можно попредвидливо Собрание – изјави Мојсоска.

Претходно, и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, обвини дека со новиот Деловник се врши.

– Тоа значи дека опозицијата нема да може да блокира закони, и тоа ќе значи џабе ќе имаш опозиција. Џабе имаш 10-20 пратеници, кога нема да можат да го блокираат Собранието – рече Апасиев.

Пратеникот Борислав Крмов, пак, објаснува дека следната влада којашто ќе дојде на власт, практично веќе нема да има Собрание.

– Во Собрание мора да има судир на идеја, а не да биде како влада. Филибастер не би бил потребен само ако имаме некој општествен консензус во државата, кога би ги имале решено поголемите национални, економски проблеми. Но, ние не можеме да се договориме кое знаме да го имаме или за строфи во химната. Во ваква држава, во вакво Собрание, страшно опасно е да нема филибастер, затоа што решавањето и спречувањето на штетните политики во Собранието, ќе мора да се пренесат на улица. За жал, така ќе мора народот да одговори – рече Крмов.